Почетна / Рурален развој / Владата ќе покрива половина од трошоците за отворање бизниси во руралните средини

Владата ќе покрива половина од трошоците за отворање бизниси во руралните средини

Оние граѓани кои ќе сакаат да започнат бизнис во руралните средини на Македонија ќе добијат финансиска поддршка од Владата во висина од 50% од трошоците за започнување бизнис.

Ова се однесува на отворање бизнис од било каков тип, почнувајќи од најмалите, како автомеханичари, автоперални, фризерници и занаетчии, се до преработувачки капацитети и погони за производство на малите и средните претпријатија.

За оваа цел ќе бидат одвоени околу четири милиони евра.

“Досега оваа мерка за 50% поддршка важеше само за набавка на земјоделска механизација. Од оваа година Владата одлучи да ја прошири оваа мерка и со неа да ги опфати и услужните дејности и сектори. Значи, сега нема да има лимит на поддршката во однос на нејзиниот опфат и поврзаност со земјоделството, туку полето за отворање бизнис е нелимитирачко и може да ја опфати која било стопанска дејност со исклучок на медицината и фармацијата”, истакна на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

За оваа финансиска поддршка ќе може да конкурираат сите физички лица, трговци, поединци и мали и средни претпријатија во македонските села и градовите со население под 30.000 жители.

Во текот на следните два месеци ќе биде објавен јавниот повик за аплицирање за финансиската поддршка. Секој заинтересиран ќе може да достави бизнис-план до Агенцијата за рурален развој и поддршка на земјоделството. По разгледување на бизнис-планот и негово прифаќање ќе биде склучен договор меѓу корисникот и Агенцијата и согласно договорот на лицето ќе му бидат исплатени парите во висина од 50% од вредноста на бизнисот.

Check Also

Ѓорче Петров создаде одлични услови за развој на селскиот туризам!

По повеќе од седум години инвестирање и надградба на инфраструктурата Општина Ѓорче Петров створи одлични …