Почетна / Вести Македонија / Владата финансира 50% од трошоците за набавка на земјоделска механизација

Владата финансира 50% од трошоците за набавка на земјоделска механизација

Во тек е јавниот повик за поднесување на барања за финансиска поддршка за набавка на земјоделска опрема и механизација за житни и индустриски култури, со кој Владата преку Програмата за рурален развој доделува финансиска поддршка за земјоделците за набавка на земјоделска механизација од страна на земјоделците од сите региони и општини во државава.

За оваа поддршка може да аплицираат земјоделски стопанства (физичко или правно лица) запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои располагаат со минимум 1,5 ха житни или индустриски култури (маслодајни, фуражни култури) или минимум 5 декари тутун.  

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев вели дека оваа владина мерка во изминатиот период дава навистина исклучително позитивни резултати. Преку нејзе со над 10 милиони евра Владата помогна во покривање на трошоците во висина од половина од набавената опрема кон земјоделците кои што набавуваат трактори, мотокултиватори, останата приклучна механизација.

-На над 8.000 земјоделци ја искористија оваа можност и набавија земјоделска механизација од кои што над 1.500 набавија и трактори која што се значајна инвестиција за развивање на земјоделското производство. И во моментов имаме таков отворен јавен повик на кој што може да аплицираат земјоделците кои што одгледуваат житни и индустриски култури на површини на 1,5 хектар или пак тутун на површина од над 5 декари. Со поднесување на документација до платежната агенција која што треба да се состои од барање, од наведување на опремата која што земјоделецот сака да ја обезбеди и поднесување изјава заверена на нотар во која што подносителот декларира дека тој и членовите на неговото потесно семејство во изминативе три години не ја искористиле оваа мерка како дел од државната помош за да обезбедат механизација, вели Ѓорѓиев.

Портпаролор на Владата додава дека на овој начин ценат дека битно ќе придонесат во покривање на значителен дел од трошоците за земјоделците кои што тие потоа можат да ги алоцираат за дополнителен раст на нивната дејност и на тој начин да помогнат и во зголемување на профитабилноста на земјоделските семејства како и обезбедување на нови вработувања во рамките на земјоделието.

Земјоделците можат да ја остварат оваа поддршка во едноставна постапка со доставување најнапред во електронска форма до Платежната агенција на e-baranje.ipardpa.gov.mk а потоа и во печатена форма, на следниве документи:

– електронско барање со податоци за локацијата на земјоделското стопанство

– податоци за инвестицијата и понуда за истата

– изјава заверена на нотар дека носителот на земјоделското стопанство или член на неговото семејство нема искористено финансиска поддршка изминативе 3 години за таков тип на инвестиција, со цел да бидат опфатени и земјоделците кои досега не добиле финансиска поддршка за одреден вид на инвестиција,

– и деловен план, за кој е подготвен образец во агенцијата, а кој се пополнува од страна на земјоделецот.

По завршување на повикот и изработката на ранг листата според бодирање, за земјоделците кои имаат ист број на бодови рангирањето ќе се врши според датумот и времето на поднесување на електронската апликација.

Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на одобрена, реализирана и исплатена инвестиција од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци а износот на кофинансирање се зголемува во одредени случаи, и тоа:

–        55% од вредноста на одобрената инвестиција, Владата кофинансира за инвестиции поднесени од носител на земјоделско стопанство кој е млад земјоделец, од 18 години старост до 40 години старост на денот на поднесување на инвестицијата;

–        60% од вредноста на одобрената инвестиција Владата кофинансира доколку земјоделско стопанство се наоѓа во подрачје со ограничени можности;

–        65% од вредноста на одобрената инвестиција, доколку носител на земјоделско стопанство е млад земјоделец кој живее во подрачје со ограничени можности.

–        И 75% доколку станува збор за земјоделско стопанство кое се наоѓа во недостапни рурални заедници.

Висината на поддршката за прифатливите трошоци по корисник изнесува до 3.500.000,00 денари.

 Преку јавниот повик се повикуваат сите заинтересирани земјоделци кои планираат да извршат набавка на земјоделска механизација да се пријават на повикот, да аплицираат со потребните документи согласно јавниот повик и да ја искористат финансиската поддршка.

За детални информации сите заинтересирани земјоделци може да се обратат во подрачните единици на МЗШВ и во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

 

 

 

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …