Почетна / Рурален развој / Гастрономска тура низ Осоговието

Гастрономска тура низ Осоговието

Туристите имаат можност да пробаат манастирско вино и ракија, домашен леб, баници, пити подготвени под вршник, ајвар, лутеница, пишии, тиганици, кратовска пастрмалија, армци, компоти, слатки, како и голем број домашни и екопроизводи од локалните земјоделци.

Гастрономска тура низ осоговскиот регион е најновата понуда на локалните здруженија и производители, кои на странските туристи им нудат богата палета од автохтони производи и оригинални јадења приготвени на стар традиционален начин. Понудата го вклучува локалното производство на здрава храна и автентични производи од осоговското поднебје, а с` повеќе странци се заинтересирани за овој вид алтернативен туризам. Организираните тури опфаќаат посети на манастири, цркви, етнокуќи, ресторани и други угостителски локали, каде што на трпезата редовно се наоѓаат разновидни специјалитети, во амбиентално уредени објекти, придружени со изворна македонска музика на традиционални инструменти.

– С` уште ја оформуваме рутата на осоговската гастрономска тура во зависност од интересот на туристите. На понудата се локалитетите и локалите во Kрива Паланка, Ранковце, Kратово, Пробиштип, Kочани, Македонска Kаменица, Чешиново-Облешево… Туристите имаат можност да пробаат манастирско вино и ракија, домашен леб, баници, пити подготвени под вршник, ајвар, лутеница, пишии, тиганици, кратовска пастрмалија, армци, компоти, слатки, како и голем број домашни и екопроизводи од локалните земјоделци. Туристите се многу заинтересирани и за винскиот и за јаболковиот оцет, толчената шлеговска сол, сушеното овошје, медот и слично, кои се спакувани во специјална амбалажа и може да ги купат и да понесат со себе. Најмногу, пак, уживаат во манастирскиот ручек или во некој од традиционалните ресторани со локална кујна – вели Стевче Доневски, сопственик на етнокуќа во Kратово, која е отворена 365 дена за туристите, а нуди можности посетителите и сами да ги приготват оригиналните специјалитети.

Осоговската гастрономска тура веќе се вклучува и во понудата на повеќе туристички агенции од земјава. Дел од неа се реализира во рамките на гастрономската тура низ Македонија, која исто така, е новина во туристичките аранжмани и трае 8 дена. Најчесто, овие организирани посети во нашата земја ја опфаќаат понудата на уникатен и возбудлив алтернативен туризам, кој обично ги вклучува гастрономијата, културните знаменитости и авантуристичките рути.

– С` уште сме на почеток со програмата за гастрономската тура, која, пак, ја следи програмата на „Слоу фуд“ мрежата во Македонија. Во неа е вклучена дегустација на толчената сол од Kратово, галичкото сирење и кашкавал, тавче гравчето во Тетово, охридската пастрмка, мавровското сирење, смоквата и калинката во Гевгелија и Валандово, како и винската тура. И Осоговскиот манастир е дел од оваа гастрономска тура, каде што на туристите им се приготвува традиционален ручек со локалните специјалитети. За нив е најинтересно што се приготвени на т.н. старински традиционален начин и што с` е од домашно производство. На пример, за нив е доживување едно пржено јајце или кајгана, ама приготвено од селски јајца – вели Горан Јаневски, директор на туристичка агенција.

Најголем дел од заинтересираните за гастрономската тура се од Англија, Америка, Kанада, Холандија и други европски земји. Доневски објаснува дека веќе развиваат и кооперантски односи со угостителите и сопствениците на етногостилниците од осоговскиот регион, на кои им ги нудат своите автентични производи.

Гостите сакаат авантури

Kај странските туристи имало голем интерес и за турата „По патот на војната“, како и за авантуристичкиот туризам, кој е дел од програмата на некои агенции.

– Најинтересни се џип-сафарито и маунтбајкинг-турата низ националните паркови, како и туристичките аранжмани кои опфаќаат пешачење. Последните 4 години за овој вид алтернативен туризам главно се заинтересирани Израелците и на годишно ниво имаме околу 300 до 400 посетители од оваа земја. Ова се должи на тоа што тие немаат таква природа кај нив, такви планини, извори, биодиверзитет… За нив ова е ново магично опкружување од кое се фасцинирани – вели Горан Јаневски.

Жаклина Цветковска


Извор: http://dnevnik.mk/default.asp?ItemID=3B61A18A1C32BF42A74365A78C6F53BC

Check Also

Ѓорче Петров создаде одлични услови за развој на селскиот туризам!

По повеќе од седум години инвестирање и надградба на инфраструктурата Општина Ѓорче Петров створи одлични …