Почетна / Пчеларство / Саем на медот во Прилеп

Саем на медот во Прилеп

Во центарот на Прилеп, на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ се одржува третиот по ред Саем на медот, на кој учествуваат 30-ина излагачи од Прилеп, Битола, Берово, Гостивар, Демир Хисар, кои го претставуваат медот и повеќе пчелини производи.

 – Задоволство е што можеме по трет пат да ја организираме манифестацијата, да ги покажеме природните и вистински пчелини производи. Во прилепско има преку 200 пчелари и годишното производство од регионот е 70 ина тони мед, вели Душко Дабески од здружението на пчеларите „Братство“ организатор на манифестацијата.

Пчеларите, велат, се задоволни од субвенциите што ги добивааат.

– Добивавме по 500, сега се 600 денари по пчелно семејство и мислам дека е добро за поддршката на пчеларството, вели Диме Бошкоски, пчелар од Прилеп.

Пчеларите се задоволни што неодамна се изведе акција за откривање на лажните производители и на лажниот мед.

– Помогнаа Министерството за земјоделство и другите институции за да се откријат оние што продаваат неприроден мед и за нас пчеларите е вистински потег, посочува Влатко Атанасоски, пчелар од Прилеп чие семејство 40-ина години се занимава со пчеларство.

Според Перо Дабески од Гостивар чие семејство одгледува и продава пчелни матици, македонскиот мед е многу квалитетен иако не сме големи произведувачи.

– Климите се соодветни за производство на висококвалитетен мед во Македонија. Ние не можеме количински многу да произведеме како другите земји во регионот, со со квалитетот може да се носиме со нив. За пласман на нашиот мед ни треба организираност, вели Дабески.

Check Also

Македонскиот мед е најквалитетен во Европа

        Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски денеска во Битола …