Почетна / Агроекономија и агробизнис / Новиот правилник ќе ги сомеле месарите

Новиот правилник ќе ги сомеле месарите

Потекло на секое парче месо со декларација на која мора да стојат производителот, фармата на која животното е одгледувано, кланицата во кое е заклано се само дел од измените кон кои мора да се приспособат македонските фирми.

Месната индустрија е пред затворање. Ако се донесе, така како што е напишан, новиот правилник за квалитетот на меленото месо, подготовките и производите од месо, тоа ќе значи тотален колапс на сите фирми што произведуваат сувомесни производи во државава. Вака компаниите од овој бизнис го коментираат правилникот, кој го изработува Агенцијата за храна и ветеринарство. Потекло на секое парче месо што влегува во производство со декларација на која мора да стојат производителот, датумот на производство, датумот на колење, идентификациски број на фармата на која животното е гоено и контролен ветеринарски број на кланицата во која е заклано, се само дел од измените што се предлагаат, а кон кои ќе мора да се приспособат македонските фирми. Увозниците на месо велат дека иако правилникот е по европски стандарди, тој кај нас не може да се примени бидејќи ние увезуваме од Kанада и Бразил, каде што цените на смрзнатото месо се пониски, и ниедна од кланиците со кои работат нема да се приспособи кон барањата на нашите закони.

– Ние сме многу мал пазар и сигурно една држава како Kанада нема да се приспособи кон барањата што ќе ги имаме ние како држава. Во едно пакување на смрзнато месо, на пример, од свиња, има парчиња месо од најмалку шест животни. Според нашиот правилник, на сите треба да има потекло. Не знам како би можела една кланица која дневно коле по 5.000-6.000 свињи да се организира и специјално за нашиот пазар да го обележи секое парче месо – вели Љупчо Kостовски, директор на „Интернационал фуд базар“, една од поголемите фирми што се занимаваат со увоз на смрзнато месо во земјава.

Бизнисмените велат дека ако не се направат измени во правилникот, тие ќе мора да најдат алтернативен европски пазар за увоз на смрзнато месо, кој е далеку поскап од американскиот и од канадскиот.

– Месото и така е луксуз за македонската трпеза. Ако се зголеми цената на репроматеријалите, односно на суровината што се користи во преработувачката индустрија, тоа ќе значи дополнително зголемување на цените на сувомесните производи, кои и така се многу скапи – велат во компаниите што се занимаваат со овој бизнис.

Во „Екстра-меин“ објаснуваат дека општа оценка на сите нивни колеги е оти правилникот е препишан од соседството, но така како што е напишан е неприменлив кај нас.

– Многу работи мора да се искристализираат, да се видат нашите барања и тие да се вметнат. Далеку сме ние од она што го предвидува правилникот ваков како што е сега. Но да почекаме да видиме што ќе се случи – велат во кумановската фирма.

Во Агенцијата за храна и ветеринарство посочуваат дека е неминовно донесувањето подзаконска регулатива за овој тип производи со кои покрај нивната безбедност ќе се допрецизираат и стандардите што тие треба да ги исполнат за да се најдат на пазарот.

– Интенција на Агенцијата е да обезбеди еднаков третман на производителите на пазарот, а за потрошувачите безбеден и квалитетен производ. Затоа, само преку соработка и конструктивен дијалог ќе се обидеме да го најдеме оптималното решение и за месната индустрија и за потрошувачите – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна.

Според Агенцијата, со донесување на подзаконската регулатива на домашниот пазар во рамноправна положба ќе се стават сите преработувачи на месо, но и тие што извезуваат кај нас, со што на македонскиот пазар ќе се постават стандардите за квалитет на сите производи од овој тип.

Декларации и за ќебапите

Новиот правилник предвидува и декларирање на готовата смеса за плескавици и ќебапчиња и забрана за продажба на меленото месо, кое се продава во речиси секоја месарница. Kупувачот мелено месо ќе може да добие само ако одбере парче од месото што се нуди и потоа од продавачот да побара да му го сомеле на самото место.

Вакви правилници веќе се донесени во Хрватска и во Србија, но тамошните медиуми пишуваат дека во многу малку месарници се почитуваат.

Валентина Ангеловска

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=BE21C0113983924CA4B41B79D914621B

Check Also

Агро-прехранбениот сектор во Европа и Централна Азија оценет како “иновативен” и “инклузивен”

Агро-прехранбениот сектор во Европа и Централна Азија оценет како “иновативен” и “инклузивен“   18-ти мај …