На Шар Планина има околу 30.000 овци, а има доволно пасишта за 600.000, но, како што тврди Меџит Амити, сопственик на најголемото стадо, проблемот што нема повеќе стада лежи во недостигот на работна сила.
Овчарите со стадата, со околу 30.000 овци, ја започнаа големата преселба од пасиштата на Шар Планина во зимувалиштата во рамничарските предели на Македонија. Тие ги напуштаат летните пасишта на планината и најголем број од овците во наредните месеци, додека трае зимата, ќе зимуваат во Овче Поле. Стадото на Меџит Амити од „Агро Драгоево“ има 4.000 овци и е најголемото на Шар Планина. Транспортот на овците до село Драгоево, близу до Штип, се врши со камиони.
– Порано до зимските пасишта во Овче Поле одевме пеш и преселбата траеше и по 15 дена. Потоа овците ги транспортиравме со воз. За нас тоа беше најдобар и најбрз транспорт, но имавме големи проблеми со железницата. Беа нередовни, и знаеја понекогаш да н` остават да чекаме со часови додека дојде возот за транспорт. Затоа сега овците ги носиме со два камиона и моето стадо го префрламе за 7 дена. Вака е и потешко и поскапо, но што да правиме – вели Амити.
Тој проценува дека на Шара има триесетина илјади овци, а планината има доволно пасишта за 600.000 овци.
– Верувале или не, ама проблемот што нема повеќе овци лежи во недостигот на работна сила. Денес никој не сака да биде овчар. Иако јас им давам плата од 300 евра со обезбедена храна и сместување, едвај можам да обезбедам дваесетина овчари да го пасат стадото. Многумина доаѓаат, но уште побрзо си заминуваат. Исто така, политиката на државата со субвенциите за овците не е добра. Со 100 отсто се субвенционираат само малите стада до 250 овци, а ние што имаме стада над 1.000 овци добиваме само 60 отсто од субвенциите. Тоа води кон расцепкување на стадата – појаснува Амити.
Kамионите за половина час се натоварени и овците заминуваат во рамнината во Штипско. Таму ќе останат до пролет, кога во средината на април, повторно натоварени во камиони, ќе се вратат на пространите пасишта на Шар Планина.
Зоран Андонов
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=590A147C4679FE42A522095151E891D2