Лабораторијата е приватна инвестиција на битолскиот ветеринарен доктор Владимир Димовски, кој вложил 230.000 евра.
Во Битола почна да работи современа лабораторија за испитување и анализа на квалитетот на сурово млеко, приватна инвестиција на битолскиот ветеринарен доктор Владимир Димовски. Лабораторијата што вчера ја пуштија во употреба министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и неговиот заменик Зоран Коњановски е прва приватна инвестиција од тој вид во државата. Отворањето на лабораторијата се поклопува со петгодишната национална програма за земјоделски и рурален развој што деновиве ја усвои Владата. Според таа програма земјоделците добиваат зголемен износ на субвенции, но и обврска за исполнување на одредени критериуми во функција на поголем квалитет на произведеното.
– Во наредните пет години ќе инсистираме на зголемување на квалитетот на млекото, а по две години ќе има зголемена субвенција за поквалитетно млеко. За да го обезбедиме тој квалитет на млеко треба да има современа лабораторија што ќе го испитува, а таква е лабораторијата што денес ја пуштаме во употреба. Наскоро ќе бидат отворени лаборатории и во другите региони со што ќе има покриеност на целата територија на нашата држава. Нашите цели се врзани со зголемување на сточниот фонд и зголемување на квалитетот на млекото и верувам дека оваа лабораторија ќе биде максимално користена од сите сточари – истакна министерот Димовски.
Инвеститорот на лабораторијата за испитување и анализа на квалитет на млеко Димовски во овој проект вложил 230.000 евра и очекува активна соработка со своите клиенти.
– Станува збор за високо софистицирани машини кои се произведуваат во САД и со применетите испитувања се согледува бројот на микроорганизми, соматски клетки, хемиска анализа, како и присуство на вода или антибиотици во млекото – рече сопственикот Димовски.
Лабораторијата, додаде тој, е акредитирана за период од четири години и е со голем капацитет.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=8D52C05803EF454F907442F234C78674