Поради реновирање и реконструкција на двата велешки парка, привремено се отстранети 7.000 рози, кои таму беа засадени пред две години, а ќе бидат вратени кога ќе завршат хортикултурните активности.
Чистењето на велешката почва од тешките метали, кое беше планирано со двата експериментални проекта на Еколошкото друштво „Вила зора“, е во мирување. Со реновирањето на Младинскиот парк и реконструкцијата на Градскиот парк, розите што таму беа засадени се отстранети, а ќе бидат вратени кога ќе завршат хортикултурните активности. Чистењето на велешката почва од оловото и од кадмиумот, пред две години, почна со фиторемедијација, односно отстранување на тешките метали од почвата со помош на кореновиот систем на растенијата.
– Од ЈKП „Дервен“ писмено ни се обратија дали да ги отстранат розите, кои ги засадивме како дел до акцијата за чистење на почвата. Дадовме согласност со тоа што истите повторно ќе бидат засадени откако ќе се уредат овие два парка – вели Ненад Kоциќ, претседател на „Вила зора“.
Фиторемедијацијата беше пионерски чекор за екологијата не само во Македонија туку и во поширокото опкружување, првпат применет на Балканот. Енормното присуство на олово и на кадмиум во велешката почва е резултат на тридецениското неконтролирано работење на Топилницата. Според екологистите, по две години розите се привремено отстранети и засега немаат информација колку е исчистена почвата од олово и од кадмиум. Цвеќињата повторно ќе се засадат за по неколку години да се испита дали и колку нивниот коренов систем апсорбирал од тешките метали. Стручњаците посочиле дека токму розата најдобро ја чисти површината. Пред две години 7.000 рози беа засадени на јавните површини во Велес. Освен во двата парка, розите беа засадени и на дворните површини од училиштата и детските градинки, каде што има најголема концентрација на тешки метали во почвата.
Со вториот проект требаше да се чистат земјоделските површини. Но временските услови, т.е. сушата, го сопреа, 80 кг семе беа засадени на десетина хектари површина.
– За жал, сушата што го зафати регионот не дозволи да никне маслодајната репка што ја насадивме лани. Ќе почекаме подобри временски услови, не се откажуваме од оваа наша идеја на прочистување на земјата. Или, пак, ќе треба да обезбедуваме дополнителни средства за наводнување на почвата каде што е засадена оваа култура – вели Kоциќ.
Минатата есен велешките индивидуални земјоделци покажаа висока свест за деконтаминација на обработливите површини од оловото и од кадмиумот. Интерес за садење покажаа земјоделци и од околината на Велес – од селата Иванковци, Kараслари, но и од села по течението на Вардар, Градско и Ногаевци. Металите олово и кадмиум, кои во велешката почва ги има неколкукратно повеќе од вообичаените вредности, стручњаците ги посочуваат како најштетни елементи за здравјето на луѓето. Преку синџирот на исхраната тие завршуваат во човекот.
Петар Печков
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=B85A5C55F6FFB049A6115A5852D186BF