Почетна / Пчеларство / Македонскиот мед е најквалитетен во Европа

Македонскиот мед е најквалитетен во Европа

 

 

 

 

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски денеска во Битола свечено ја отвори традиционалната манифестација „Денови на македонското пчеларство“

која по 15. пат се одржува во овој град. Во својата поздравна реч Коњановски посочи дека македонскиот мед е еден од најквалитетните производи во Македонија но и во Европа и затоа производителите треба да ја искористат компаративната предност.

– Треба што повеќе да се произведува еколошки односно органски мед и во таа смисла ние како Влада правиме напори за зголемување на бројот на пчелни семејства. Ако во 2005 година беа пријавени 110 пчелни семејства, денес има 14.000 пчелни семејства кои се пријавени за производство на органски мед и затоа треба да се искористи шансата за пласман на нашиот македонски мед и надвор од Република Македонја, истакна Коњановски.

На средбата со новинарите Коњановски изјави дека Владата ќе продолжи со силна поддршка на овој сектор.

– Во изминатите четири години доделивме околу 5,5 милиони евра за развојот на пчеларството со што упативме јасна порака дека и понатаму остануваме посветени и партнерски ориентирани кон производителите на мед. Пред неколку денови го промовиравме законот за земјоделски задруги и задоволни сме што пчеларите го поддржуваат овој проект и дека со здружување ќе можат да произведат производи со дополнителна вредност, истакна Коњановски.

Годинава на собирот во Битола кој ќе заврши на 14 октомври учествуваат пчелари, стручни лица и гости од повеќе градови во Македонија кои на покана на пчеларското здружение „Нектар“ – Битола ќе одржат и работилница и тркалезна маса на теми поврзани со иднината на пчеларството.

– Задоволни сме што надлежните ги зголемија субвенциите за производителите на мед, и посебно за нас значајна е идејата за отворање на специјална лабораторија за контрола и квалитет на мед и производи од мед. Воедно ги поддржуваме мерките на инспекциските служби против нелегалните производители на мед во нашата држава, рече меѓудругото Пеце Чавдаровски, претседател на пчеларското здружение „Нектар“ – Битола, домаќин на манифестацијата „Денови на македонското пчларство“ во овој град.

 

 

 

 

Check Also

Саем на медот во Прилеп

Во центарот на Прилеп, на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ се одржува третиот по ред Саем на …