Почетна / Здрава храна / Органска храна = здрава храна

Органска храна = здрава храна

Органската храна и органското земјоделство се важен, перспективен дел на македонското одржливо производство, а за граѓаните за здравиот начин на исхрана.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски вчера на Вториот фестивал за органска храна, што се одржува во трговскиот центар Скопје сити мол, во организација на Град Скопје и ресорното министерството, укажа дека Македонија има голем потенцијал за развој и унапредување на органското земјоделско производство.
-Владата во изминатите шест години дава поддршка, така што од 2007 година беа издвоени 11 милиони денари од Буџетот за финансиска поддршка на органското производство, во 2011 година 110 милиони денари, а за оваа година предвидовме нови 130 милиони денари за финансиска поддршка за органските фармери и сите останати субјекти вклучени во системот на органското производство – кажа Димовски.

Тој посочи дека наспроти 150 органски производители евидентирани во 2007 година, лани нивниот број достигна 780. Позитивен факт, истакна Димовски, е што производството на органска храна во Македонија стана препознатливо земјоделско производство и се подостапно за граѓаните.

Според Димовски производните површини сертифицирани за органско производство континуирано се прошируваат. Во 2007 регистриравме 714 хектари сертифицирано обработливо земјиште под органско производство, а во 2008. околу 1.000 хектари. Во следниот период сертифицираните површини само за една година се зголемени повеќе од три пати, односно од околу 1.400 хектари во 2009. на 5.225 хектари во 2010, а минатата година се зголемија на 6.581 хектари. Доколку кон овие податоци се додадат повеќе од 250.000 хектари површини сертифицирани за собирање самоникнати шумски растенија и плодови ќе се заклучи дека Македонија има голем потенцијал за развој и унапредување на органското земјоделско производство.

Тој укажа и дека површините под житни култури постојано се зголемуваат, а особено во последните три години, што е доказ оти органското земјоделско производство станува се поактуелно за македонските земјоделци. Министерот за земјоделство порача дека за поголем развој на органското производство на храна се важни и активностите за промоција на вредноста и значењето на органската храна.

Производителите пак велат дека органското производство се уште не е многу исплатливо, бидејќи граѓаните не знаат да направат разлика помеѓу органското и конвенционалното производство.
-Органскиот производ во секој случај мора да има додадена вредност и разлика во цената во однос на конвенционалното. Но, се надеваме дека ќе се исплати и затоа ќе бидеме упорни да произведуваме вакви производи и да ги пласираме – вели Менде Трајковски, производител од битолскиот дел на Мариово.

Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=703C0DC2B6498C47B0DAFDA35F8E218B

Check Also

Кисела зелка- извор на витамини

Киселата зелка освен што оди одлично со чашка ракија во зимските месеци, таа е и …