Портокаловите продукти позитивно влијаат на имунитетот, црвените ја победуваат слабокрвност.Секое овошје и секој зеленчук има свои уникатни својства и поволности врз човечкиот организам. Таквата содржина ја одредува и нивната боја. Нутриционистите препорачуваат секој оброк да биде разновиден.
Жолта храна за расположение
Жолтата храна е решение за стресот бидејќи на телото му ја враќа потребната енергија. Од тие причини, кога сте под стрес, јадете банани и ананас. Покрај ова, жолтата храна позитивно влијае на варењето на храната, еластичноста и свежината на кожата.
Лимонот веројатно е првиот продукт што ќе ви падне на памет кога станува збор за жолто овошје. Но, освен лимонот, пролетното време е идеално за уживање и во останатите “сончеви” продукти како жолтата пиперка, жолтите тиквички и јаболката “златен делишес”.
Лимон
Изобилува со Ц и Б-витамини, го зајакнува имунитетот и го забавува стареењето. Поради специфичниот вкус ќе почувствувате присутност на лимонот речиси во секое јадење или пиење каде што ќе го додадете и во најмало количество. Многу често се користи при настинка и грип.
Банани
Содржат три важни природни шеќери, сахароза, фруктоза и гликоза, комбинирани со растителни влакна. Претставуваат природна енергетска “бомба”, а само две изедени банани даваат доволно енергија за 90 минутно вежбање.
Бидејќи имаат во себе триптофан, вид протеин кој во телото се конвертира во серотонин (хормон на среќа), бананите се сметаат за среќно овошје.
Витамин Б6, кој го има во изобилство, го регулира нивото на шеќер во крвта, што може да ги подобри симптомите на предменструалниот синдром.
Жолти пиперки
Во однос на зелените и црвените пиперки, жолтите имаат најблаг вкус, а на јадењето му даваат свежина и слаткост. Содржат големи количества витамин Ц, бета-каротин и витамин Б6 и А. Пиперката е добра за циркулација на крвта, зајакнување на апетитот, подобро варење на храната. Може да ги користите за несолени односно послатки оброци.
Жолти тиквички
Овој зеленчук со жолта боја и благ вкус изобилува со манган и витамин Ц, содржи каротеноиди кои штитат од штетни зрачења. Тиквичките може да ги користите во салати, како дел од сос за тестенини или може да ги јадете печени.
Јаболко – “златен делишес”
Немаат црвеникава боја, а поголемиот дел од другите типови јаболка имаат, можеби и затоа не се визуелно привлечни, но “златниот делишес” има сладок вкус.
Јаболката не содржат маснотии, а помагаат во контрола на шеќерот во крвта и кај слабеењето. Иако најчесто се користат за правење колачиња, јаболкото е сепак најдобро да се јаде сурово, без третирање и да се ужива во неговиот вкус.
Зелена храна за смирување
Зелените продукти не чуваат од најсмртоносните болести, а познато е дека зелената боја има смирувачки дејства. Зелениот зеленчук како марула, краставица, тиквички, брокула, спанаќ, зелка содржи многу железо, минерали и витамини, а со тоа позитивно влијае на видот, забите и коските. Најдобрата вест е тоа што можете да го јадете во неограничено количество бидејќи воопшто не дебелее и содржи минимални калории.
Спанаќ
Спанаќот е вистински рудник на витаминот Ц и бета-каротинот, важен антиоксиданс кој има улога да го намали количеството на слободните радикали во организмот.
Младиот спанаќ содржи помалку растителни влакна од стариот, што значи дека треба да внимавате кој вид го купувате.
Брокула
Кога станува збор за брокула, резултатите од низа истражувања потврдиле дека овој зеленчук заслужено го носи епитетот “суперхрана”. Содржи способност за уништување на клетките кои го хранат туморот. Богата е со бета-каротин, витамин Ц и растителни влакна, а сите овие состојки се борци против ракот. Како и другите зелени зеленчуци, брокулата има големо количество калциум.
Краставица
Содржи 90 отсто вода што автоматски ни е јасно дека станува збор за свежи продукти, особено во жешките летни денови. Во остатокот од нејзината содржина има природни соли и витамини кои се корисни за раст на клетките. Богатоста со минерали ја претвора во природен извор на антиоксиданси, а позната е и по способноста како диуретик.
Марула
Марулата е извор на хлорофил, минерални соли, лутеин и бета-каротин. Изобилува и со витамин Ц, калциум, растителни влакна, фолна киселина и железо. Марулата вклучува во својот состав и други неопходни материи за организмот, меѓу кои витамин А, Б6, ликопен и калиум. Нејзината најголема важност е што го содржи витаминот К, кој учествува во создавањето четири од 13-те протеини потребни за процесот на коагулација.
Сина (виолетова) храна против стареење
Сината или темновиолетовата храна, како грозјето, модрите патлиџани, сливите, виолетовата зелка, влијае против стареењето и го подобрува помнењето. Го забрзува и процесот за побрзо излачување на урината и ги намалува ризиците за тумор и срцеви заболувања.
Сино грозје
Добар извор на хранливи материи важни за нашето тело. Во однос на многу други овошја, освен во сина боја го има и во светло зелена, а сепак придобивките за здравјето се исти. Го детоксифицира организмот и го поттикнува слабеењето, а го намалува ризикот од рак и болести на срцето. Грозјето е извор на витаминот А, Б, Б6 и фолна киселина. Содржи состојки што го намалуваат холестеролот и триглицеридите. Во грозјето се наоѓаат минерали како што се калиум, калциум, фосфор, магнезиум, железо, селен, бакар, манган и цинк. Исто така, присутни се и растителни влакна и протеини.
Грозјето е брз извор на енергија и ја подобрува крвната слика.
Виолетова зелка
Се смета за еден од најевтините антиканцерогени извори што го намалува ризикот од рак на дојката. Се работи за антиоксидациски состојки познати како индоли и сулфорафан кои помагаат за детоксикација на организмот. Овој тип зелка е најдобро да се консумира свежа во вид на салата, бидејќи при одреден степен на готвење ја губи способноста на антиоксидансните состојки.
Сливи и боровница
Во денешницата има веќе многубројни докази дека боровниците, сливите располагаат со цела палета здрави и пожелни состојки. Овие овошја содржат антиоксиданси кои имаат превентивно дејство во многу болести. Има случаи каде што заболените ги заменувале антибиотиците со овие здрави продукти и ги решавале своите инфекции преку засилена консумација. Покрај ова, неколку истражувања докажуваат спречување хронични воспаленија и го забавуваат развитокот на канцерогените клетки.
Модри патлиџани
Вистинско зеленчуково богатство што изобилува со растителни влакна. Секако не смеат да се пренебрегнат количествата витамин Б1 и Б6, како и калиумот. Одличен извор е и на бакар, магнезиум, манган, фосфор, ниацин и фолна киселина.
Сите споменати високовредни материи што се наоѓаат во сините плодови ги содржи модриот домат, затоа се смета за зеленчук што треба почесто да се наоѓа на трпезата.
Портокалова храна за тен
Портокаловата боја значи виталност, ја подобрува дигестијата. Се препорачува секојдневно да консумирате по некој морков или по оброкот да внесете портокал, мандарина, диња или праска. Портокаловото овошје и зеленчук позитивно влијае на имунитетот, видот и кожата, а го намалува ризикот од тумор и кардиоваскуларни болести.
Морков
Се смета за еден од најздравите зеленчуци, бидејќи содржи лековити и хранливи состојки. Најчесто се користи неговиот корен, а поретко и неговите листови, но претходно добро сварени.
Од витамините содржи огромно количество витамин А, кој се нарекува и каротин. Токму овој витамин придонесува за убава боја на тенот. Може да се јаде и суров, но и сварен или зачинет во вид на салата.
Портокал
Портокалот е богат со витамините Ц, Б1, Б9 (фолна киселина) и А, калиум, калциум и растителни влакна. Портокалот многу често се препорачува да се консумира при настинка, грип и слично. А претставува и моќен борец против тумори. Свежо цедениот портокал е најдобро да се пие наутро, но неговите дејства не се намалуваат и во другите делови од денот.
Сокот содржи антимикробни својства и го зајакнува организмот.
Праска
Во сезоната на праските консумирајте ги што повеќе. Содржат витамин Ц и А, фосфор, железо и диететски влакна. Се препорачуваат за оние што сакаат здраво да слабеат, бидејќи содржат 80 отсто вода.
Кајсија
Растителните влакна што ги содржи кајсијата го подобруваат работењето на цревата и системот за варење, а исто така го регулираат крвниот притисок.
Добар извор е на витамин Ц со 12,5 отсто од препорачаното дневно внесување, а содржи и многу каротин (околу 1.500 милиграми). Оттаму потекнува и бојата.
Од минералите има значаен удел на калиум – 259 милиграми на 100 грама, а другите минерали (калциум, фосфор, магнезиум, железо, цинк, бакар) ги има во помало количество.
Црвена храна зајакнувач на крвта
Црвеното овошје и зеленчук го забавуваат создавањето на слободните радикали, а со тоа автоматски дејствуваат против стареењето. Затоа, црвените продукти се симбол за “вечна младост”. Единствено негативно што може да се каже за нив е дека не не заситуваат и за кратко остануваме гладни. Од друга страна, продукти со оваа боја го зајакнуваат имунитетот и крвта.
Домати
Со многу ниско ниво на холестерол, заситени масти , но со моќ за превенција на срцеви заболувања. Обемното присуство на витаминот Б6 и витаминот Ц го зајакнуваат имуниот систем и се борат против инфекциите. Доматите се одличен извор на диетални влакна кои помагаат за одржување здрав дигестивен систем.
Јагоди
Во нив има големо количество антоцијанид, што претставува важен антиоксидант. Тој всушност ~ ја дава црвената боја на јагодата, а се смета за поволен во однос на крвните садови.
Негативна забелешка за јагодата е тоа што многу често предивикува алергии кај луѓето што се подложни.
Пиперка
Речиси 90 отсто од нејзината содржина е вода, а од јаглерохидратите најмногу содржи шеќери од групата монохариди и дисахариди. Количеството етерични масла во семето на пиперката зависи од количеството на присутниот капсаицин. Тој е специфична материја, што го дава лутиот вкус.
Цвекло
Можеби е и едно од највредните од оваа група поради антиканцерогените соединенија што ги содржи. Добар извор е на фолна киселина, минерали, фосфор, калциум, магнезиум и железо. Се користи за детоксикација на организмот. А пожелно е што почесто да се консумира. Цвеклото е најдобриот лек против слабокрвноста.
Извор: dnevnik.mk