Почетна / Пчеларство / На улица “Македонија” дегустација на мед

На улица “Македонија” дегустација на мед

На улицата се поставени 35 штандови на пчелари од цела Македонија, на кои се изложени и презентирани сите можни пчелни производи. Мед, матичен млеч, перга, восок, полен и прополис се само дел од нив.

 

Седма година по ред, на улицата Македонија” се одржува манифестацијата Денови на македонскиот мед”, која беше отворена вчера, а ќе трае до сабота вечер. Освен за кафе и прошетка, сега на улица “Македонија” може да се избере и купи мед и други пчелни производи од производители од целата држава. Оваа манифестација, општина Центар традиционално ја организира во соработка со пчеларското здружение Матица”, чијшто претседател заедно со градоначалникот на општината го означија нејзиниот почеток.

Пчеларите од сите страни на републиката се собрани на оваа место. Повеќето од нив велат дека не е лесно да се живее од оваа дејност, а манифестацијата е шанса плус да продадат и да го развијат својот бизнис.
– Затоа што имаме мало домашно производство и ги немаме потребните кодови за да продаваме во маркети и продавници, муштерии за нашите производи наоѓаме единствено преку луѓе. Ова е одлична можност да ги презентираме производите и да стекнеме нови купувачи, ни одговори Радмила Петревски, производител на мед.

На улицата се поставени 35 штандови на пчелари од цела Македонија, на кои се креативно изложени и презентирани сите можни пчелни производи. Мед, матичен млеч, перга, восок, полен и прополис се само дел од изложените продукти.

Оваа година за првпат во манифестацијата учество зема и Факултетот за земјоделски науки и храна каде што во насоката анимална биотехника се изучува предметот пчеларство.
Манифестацијата е од изложбено-продажен карактер и освен тоа што претставува можност да се купи по некоја тегла квалитетен мед, опфаќа запознавање со органското пчеларење преку директен контакт со пчеларите, дегустација на пчелни производи, како и едукација преку јавни трибини.

Отворањето беше збогатено со културно-забавна програма, а во двата дена за посетителите се предвидени и низа активности и музичко забавна програма. Отворањето започна со сценско-музички точки на најмладите, а беа претставени и најдобрите три цртежи на тема Медот дар од природата”.

Меѓу големиот број на штандови со мед, на базарот имаше и продавачи на заштитни маски и шешири. За многумина, најинтересната тезга беше онаа на која се продаваа колачиња со мед. Бадемите, оревите и овошјето во тегла со мед исто така беа едни од најбараните.
Богатата и шарена понуда на македонскиот мед привлече и неколкуте групи на туристи кои неможеа да и одолеат на глетката, па им ја одложија агендата на нивните водичи.
За времетраењето на Денови на македонскиот мед”, сите посетители ќе можат да дегустираат мед од сите штандови, како и специјален освежителен напиток медолада”, којшто ќе биде специјално направен за оваа манифестација и ќе се служи бесплатно.

Фото. Ѕ.Плавевски

Извор: www.vecer.com.mk

Check Also

Саем на медот во Прилеп

Во центарот на Прилеп, на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ се одржува третиот по ред Саем на …