Почетна / Сточарство / Стрежево ја брендира пастрмката

Стрежево ја брендира пастрмката

Јавното претпријатие „Стрежево“ ќе ја брендира пастрмката што ја одгледува во рибникот крај Стрежевското Езеро во чист еколошки крај и по најсовремена технологија.

Се работи за т.н. стрежевска пастрмка, чие годишно производство достигнува до 80 тони и е многу барана на пазарот во југозападна Македонија. Постапката за брендирање ќе трае 12 месеци, а со тоа ќе се признае правото на трговска марка, па на пазарот во земјава, без согласност на претпријатието што ја одгледува нема да смее никој да ја продава. Со ова во рестораните освен охридска, преспанска, ќе има и стрежевска пастрмка.

– Оваа риба ја добиваме од икри од калифорниска пастрмка кои ги набавуваме од САД. Ние ја купуваме икрата и од неа произведуваме риба во рибниците, согласно нашето географско поднебје и можеме да го користиме терминот стрежевска пастрмка, бидејќи се работи за модификација. Оваа риба не е идентична како таа во САД – изјави Александар Ангеловски од Секторот за заштита на води и хидрометеоролошки работи при ЈП „Стрежаво“.

Овој вид важи за риба со голем квалитет, а за спортски риболов спаѓа во групата најатрактивни слатководни риби. Произведувачот вели дека високиот квалитет на месото е постигнат со подобрување на условите во кои рибата се одгледува и со квалитетната исхрана.

– Набавуваме висококвалитетна храна од Европската унија, поточно холандска храна. Во рибниците поставивме пластични кади, па така смртноста при размножувањето на икрите до 35 проценти се намали 3 отсто. Бројот на единки кои ги вадиме од икрата е многу поголем. Во пластичните кади рибите имаат поголемо количество светлина и подобро се развиваат – вели Љупчо Бошевски, директор на ЈП „Стрежево“.

Претпријатието при производството на здрава храна, се грижи и за заштита на животната средина во околината на селото Црнеец, каде што се наоѓаат рибниците. За таа цел, годинава поставени се филтри, за водата која излегува од рибникот да биде чиста. Ваква технологија ретко може да се сретне кај други рибници во земјава.

„Стрежево“ успева на годишно ниво да продаде до 70 тони риба. Стрежевската пастрмка веќе е внесена и во мени-картите на рестораните во Свети Наум.

Во иднина од претпријатието планираат да произведат и замрзната риба од домашно производство, а во догледно време да направат и сушена пастрмка. За овие проекти ќе соработуваат со Биотехничкиот факултет во Битола.

Жанета Здравковска

Извор: www.dnevnik.mk

Check Also

БиМилк ги отвора вратите за посетители

Најголемата домашна млекарска индустрија БиМилк утре од 11 до 13 часот ќе ги отвори вратите …