Почетна / Лозарство и овоштарство / Преспа тежи од јаболка

Преспа тежи од јаболка

Со откинување на првото јаболко во овоштарниците на „Агроплод“ во Преспа вчера и традиционално почна годинашниот јаболкобер. Земјоделците се задоволни зашто толку богат род не паметат со години наназад.

Оваа сезона се очекува да соберат над 80.000 тони јаболка со многу добар квалитет. Откупната цена на почетокот од бербата се движи меѓу 18 и 22 денари, а се очекува таа и натаму да расте.

– Годинава имаме многу добар род за разлика од претходната година. Откупот веќе е почнат, а само 25 проценти од јаболката ќе останат во земјава, другиот дел ќе замине на странскиот пазари, пред с` во Србија, Русија и во Босна – вели Зоран Илиевски, претседател на здружението „Агро Преспа“ од Ресен.

Овоштарите велат дека годинава полабави се и царинските бариери при извозот на македонските јаболка на странските пазари.

– Имаме извесен напредок во извозот за Русија каде што давачките од 5 илјади долари за шлепер се намалени за 2.000 долари. За Бугарија од минатата година укинат е депозитот. Остануваат само проблемите со Албанија каде што с` уште се наплаќа царина при извозот на јаболката – вели Стевче Радевски од здружението „Благој Kотларовски“.

Во посета на Преспа се и професори од Земјоделскиот факултет од Сараево кои вршат процена на квалитетот на македонското јаболко, како и претставници на босански компании кои се заинтересирани за откуп.

– Во 2006 година Македонија партиципираше со 50 проценти во вкупниот увоз на јаболка во Босна, а минатата година со само 6 проценти. Тоа е драстичен пад, а тука сме да се обидеме да ве вратиме на старата патека, особено сега кога приносите на домашното јаболко во Босна нема да бидат ни 25 проценти од вообичаениот род – изјави Сабахадин Мерановиќ од Земјоделскиот факултет во Сараево.

Градоначалникот на Ресен, Михаил Волкановски посочи дека со мерките што ги презема Владата за развој на земјоделството од година на години се зголемуваат насадите под јаболко.

– Во последните три и пол години како резултат на политиката на Министерството за земјоделство за доделување на користење државно земјоделско земјиште, насадите со јаболко се зголемени за 900 хектари, а беа исплатени околу 3 милиони евра за субвенции – изјави Волкановски.

(Ж.З.)

Извор: www.dnevnik.mk

Check Also

Актинидија (киви)- Actinidia chinensis

Актинидијата потекнува од Кина од долините на реката Јанг це Кјан. Таа е дводомно растение, …