Енормни количини амонијак и фосфор во водите на реката Темница пред две недели предизвикаа помор на пет тони пастрмка, покажаа резултатите од испитувањето што го изврши Државниот инспекторат за животна средина. Директорот Фирус Мемет вели дека во водите на оваа река, која е притока на Треска, во моментот на поморот имало многу отровни супстанции.
– Имало шестпати повеќе амонијак од дозволеното и 54 пати повеќе фосфор. Поднесовме кривична пријава против непознат сторител, а МВР ќе ги преземе понатамошните истражни дејства за да се најде одговорниот – вели Мемет.
Тој ја исклучува кичевската депонија, која е на самиот брег на Темница, како виновник за поморот.
– Рибите пцовисале многу подолу низводно и сметам дека виновник е некоја од помалите притоки на Темница. Високите концентрации на амонијак и на фосфор укажуваат дека е можно поморот да настанал поради фрлање неупотребени пестициди – вели Мемет.
Извор: www.dnevnik.mk