Дождот ја спаси есенската сеидба во велешко. Иако со мало задоцнување падна во доволни количества и им овозможи на земјоделците да ги посеат планираните површини под јачмен и пченица.
Земјоделците се задоволни и велат дека дождот паднал над 40 литри на квадратен метар што е доволно по долготрајната суша да се посеат лебното жито и јачменот.
-Дојде во последен момент и не спаси. Немав посеано ниту декар. Сега ќе можам да ги посеам планираните 50 хектари под пченица и 20-те хектари под јачмен – вели Милан Спасиќ од селото Иванковци.
Оваа есен во општините Велес, Градско и Чашка се планираше да се засеат 7.000 хектари од кои 4.000 под лебно жито. Поради сушата, времето за сеидба одминува меѓутоа, со последниот дожд земјоделците планираат повеќе од 80% од планираните површини да ги посеат.
-Малку е доцна, но верувам дека семето ќе има време да поникне пред да фатат ниските температури. Дождот не спаси нивите да не ни останат непосеани. Верувам дека ќе имаме добри денови и дека сеидбата ќе ја завршиме успешно. Белки нема да имаме лоша година како годинашнава – вели Боне Пановски од селото Раштани.
Земјоделците од велешко веруваат дека нема да им се повтори годинашната жетва. Поради долготрајната суша и високите тропски температури, приносите кај пченицата и јачменот беа повеќе од лоши. Најнапред при сеидбата поради немање на влага на повеќе од 500 хектари лебното жито не проникна, па површините беа преорани. А она што никна едвај излезе од земја. На повеќе површини комбајните не ни влегоа. Од планираните 11.000 тони лебно жито и 9.000 тони јачмен беа собрани само 5.000 тони пченица и 3.700 тони јачмен.
Најголеми површини под пченица и јачмен и годинава ќе бидат посеани во реонот на селата Иванковци, Оризари, Бузалково, Ногаевци, Уланци, Чичево, Извор. По дождот сеидбата се одвива на големо. Земјоделците веруваат дека временските прилики ќе им бидат наклонети и дека ќе можат да го надополнат она што го испуштија поради сушата и дека ќе ги посеат површините. Паралелно со сеидбата на лебното жито и јачменот во атарот на селата Виничани, Чолошево и Комарино се сее и афионот кој се планира да биде застапен на околу 30 хектари.
(С.А.)
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=5400195261FD0D4AB4A59D3103B9011C