На 24.000 хектари се засеани житни и фуражни култури, а поволните временски услови овозможија сеидбата да заврши предвреме.
Во последните десет години пелагониските земјоделци не паметат поуспешна есенска сеидба од годинашната поради врнежите од дожд во изминатите два месеца. Ова е големо олеснување за земјоделците зашто минатите години се соочуваа со суши и поплави, па тракторите понекогаш не можеа да влезат во нивите или, пак, земјата беше сува и тешка за обработка. Ако до лани сеидбата траеше до декември, годинава заврши пред планираниот рок. Засеани се 24.000 хектари земјоделска површина со пченица, пченка, јачмен, маслодајна репка и фуражни култури.
Во земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ , најголемиот произведувач на храна во земјава, есенва се засеани 8.000 хектари со пченица, 2.100 хектари со јачмен и 2.700 хектари со маслодајна репка.
– Врнежите што паднаа во септември и во октомври создадоа одлични услови за обработка на земјата. Реализиран е целокупниот план во оптимален рок. Дури има и поникнување на засеаните растенија и тие се во идеална состојба за презимување. Ако продолжат и понатаму поволните временски услови, може да се надеваме на добри приноси идната година – изјави Драги Петровски, генерален директор на ЗK „Пелагонија“.
Од Сојузот на земјоделците велат дека временските услови биле поволни за изведување на сите агротехнички мерки за разлика од другите делови на земјата каде што имаше помалку врнежи и не беа доволни за задоволување на почвата со влага.
– Цела деценија не се памети толку добра есен во Битолско. Земјоделците извршија добра обработка на земјата и с` што е посеано никна. Речиси не остана необработена и непосеана нива во битолскиот дел на Пелагонија- вели Вељо Татаров, претседател на Сојузот.
Од Подрачното одделение на Министерството за земјоделство во Битола велат дека временските услови минатата и годинава биле дијаметрално спротивни.
– Лани беше исклучително тешка година за есенската сеидба, а оваа оптимално лесна. Лани во прво време имаше суша, а потоа и екстремна зима, па дел од површините не се засадија, а некои измрзнаа и имаше намалување на приносите до 30 отсто. Годинава посевите се во добра кондиција – вели Илија Србиновски, подрачен началник за земјоделство.
На земјоделците сега им останува да се надеваат дека регионот нема да го фати сув и подолготраен студ кој би можел да предизвика штети кај никнатите посеви.
(Ж.З.)
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=AB50600C3D020E4E91795C99BA1988D9