Фестивалот Вино-Скоп, ќе се одржи по седми пат во главниот град, а годинава оваа традиционална манифестација ќе го слави пијалакот на боговите цели пет вечери и тоа од 16-ти до 20-ти октомври на плоштадот Македонија.
На овој традиционален фестивал љубителите на убавото македонско вино ќе имаат можност да вкусат над 100 различни видови вино од 20-ина најдобри и веќе докажани македонски винарии. Асортимански винариите ќе ги изложат своите производи, а најголема продажба и консумација се очекува на црвеното вино кое одговара со есенските временските услови.
-Градот Скопје, ги продолжува своите заложби, преку организација на вакви манифестации кои ја збогатуваат туристички, културно-забавната понуда во нашиот град, да го промовира виното како локален производ со вековна традиција. Сакам да ја искористам можноста и да ги повикам сите граѓани на Скопје, од денес, па се до недела да дојдат на Градскиот плоштад и да уживаат во дегустацијата на многу вински сорти, истакна на вчерашната конференција, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Посетителите ќе имаат можност да си купат чаши и други репрезентативни материјали, продажбата ќе биде исклучиво со фестивалски купони, а најевтиното наливно вино во чаша ќе чини 50 денари. Како и секоја година овие пет фестивалски денови посетителите ќе можат да уживаат во културно-автентичниот амбиент на Вино -Скоп, местото каде што секоја есен уживаме во доброто вино и во музиката, онаму каде што се случуваат урбаните приказни во градот, кои долго потоа се прераскажуваат, баш таму каде што љубовта и среќата го исполнуваат духот на метрополата. На годинешниов Вино-Скоп 2013, најавено и потврдено е учеството на следниве винарии: Тиквеш, Сковин, Стоби, Бовин, Шато Сопот, Попов, Пивка, Попова Кула, Картал, Шато Камник, Далвина, Визба Валандово, Вардарска долина, Брушани, Изворно, Дудин, Вековник и дестилеријата Бахус КМС-Алтан.
Извор: vecer.com.mk