Овоштарите чии насади се претежно во атарот на селата Лакочерај, Орман и Мешеишта, тврдат дека карактеристиките на јаболката што тука се произведуваат се со посебен вкус и мирис, благодарение на големиот број сончеви денови и подземните води.
Јаболкото од охридското поднебје има посебен вкус и мирис, тврдат охридските овоштари, кои додаваат дека нивните јаболка полека но сигурно се пробиваат на пазарот во Македонија, но и во странство. Овоштарите чии овошни насади претежно се во атарот на селата Лакочерај, Орман и Мешеишта, велат дека карактеристиките на јаболката што се произведуваат во Охрид се подобри од оние што се произведуваат во Ресенско и во Тетовско.
– Јаболкото од ова поднебје располага со посебна арома, сласт и мирис, кои не се карактеристчни за јаболката од другите региони во Македонија. Причината за ова се големиот број сончеви денови, специфичната клима и големиот број подземни води, кои ги има, благодарение на Охридското Езеро. Исто така, причина плус за добриот квалитет е и еколошки незагадената средина, која исто така е еден од потенцијалите за развој на овоштарството во овој регион – вели Борис Стојаноски од селото Орман, чиј овоштарник го посетивме за време на годинашната берба.
Тој е задоволен што традицијата за производство на јаболка се враќа во Охридско и дека с` поголем број овоштари подигаат нови овошни насади или ги обновуваат старите.
– Овоштарството не е нешто ново за овој регион, бидејќи Охрид уште во времето на поранешна Југославија беше оценет како место на кое се раѓаат највкусни јаболка. Тогаш овоштарството тука било многу развиено, функционираа комбинати за преработка на овошје, а се соработуваше и со други земји. Во една пригода, италијански експерти го посетија овој регион и направија студија и утврдија дека охридското јаболко по својот квалитет е едно од најдобрите на Балканот – тврди Стојаноски.
Тој вели дека од сортите што се одгледуваат во Охрид, најзастапен е „ајдаретот“, бидејќи тоа е сорта која е и најбарана на пазарот. Стојаноски потенцира дека иако овоштарството во Охрид се негува како дополнителна дејност, сепак може солидно да се заработи.
– Јас имам овоштарник од околу 8.000 квадратни метри, одгледувам неколку сорти јаболка од кои се добива околу 20 тони род. Оваа година иако беше многу сушно, задоволен сум од родот бидејќи околу 90 проценти јаболката се права класа. Се трудам јаболкото да биде еколошки произведено, што значи дека го редуцирам бројот на третирањата или на прскањата. Годинава успеав да добијам квалитетен и богат род само со шест прскања. Веќе имаме најави за откуп и се надеваме дека ќе се реализираат успешно – вели Стојаноски.
Тој се надева дека потенцијалите за производство на јаболка во охридскиот регион во иднина многу повеќе ќе се користат и дека земјоделците повеќе ќе се информираат за новите начини на еколошко третирање на овоштарниците.
Елена Михајловска
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=B122800C2EF8A74892F4A226C2902B85