Почетна / Цвеќарство / Жените се` помалку купуваат цвеќиња

Жените се` помалку купуваат цвеќиња

Ако порано доаѓаа жени и не знаеја колку пари да дадат за цвеќе, за да си го уредат дворот, сега ги има се` помалку, вели Јелена Акбабиќ, помлада сопственичка на оранжериите

Лимена куќичка за спас од невреме, расфрлани дрва за огрев и 800 квадратни метри под пластеници. Ова е целиот имот на најстарата фирма за производство на цвеќе во земјава „Сентини“. Семејството на Јелена Акбабиќ, таа и нејзиниот татко-пензионер, повеќе од 15 години одгледуваат саксиско и режано цвеќе веднаш до руините на некогашниот гигант „Винојуг“ на патот накај Негорски Бањи. Н` пречекаа со насмевки на тмурниот дождлив ден, нетипичен за гевгелиската медитеранска клима, да ни раскажат како двајцата агрономи се решиле среќата да си ја испробаат во приватниот бизнис. Скромната куќичка и мачката, која топло н` пречека, сведочат за нивната посветеност во работата, која бара некој од нив да останува 24 часа за да ги пази цвеќињата. Велат дека ако порано добро се живееше од цвеќе, сега тоа стана луксуз. Јелена, која е мајка на две деца, вели дека работата е многу напорна и бара одрекување од многу работи.

– Потребен е ангажман 24 часа. Нонстоп со мислите си тука – временски услови, неприлики, болести, мора на с` да се внимава. Да сум сама и да не е татко ми, ќе мора тука да живеам. Kога е сезона на продажба, трпи и приватниот живот – објаснува Јелена. Таа ни ја раскажа и приказната како од професија и љубов се раѓа успешен бизнис. 

– Во 1996 година бизнисот со оранжериско цвеќе го почна татко ми. Тој е агроном и остана без работа. Потоа и јас завршив цвеќарство и му се придружив. Така од 2000 година работиме заедно. Произведуваме цвеќе за домашен пазар, за Скопје, Прилеп, Битола. Имаме производство во текот на целата година. Напролет расад хризантеми, а од септември одиме со режан цвет – вели Јелена Акбабиќ, помладата газдарица.

Ако порано повеќе произведувале расад, сега се насочени кон режан цвет.

– Факт е дека кризата се чувствува. С` повеќе цвеќето станува луксуз за народот. Ако порано доаѓаа жени и не знаеја колку пари да дадат за цвеќе, за да си го уредат дворот, сега ги има с` помалку. Поскапеа и репроматеријалите. Порано користевме парно на нафта за загревање на оранжериите, а сега користиме дрва, токму поради цената на нафтата, која многу скокна. Ние почнавме со 26 денари за литар нафта, а сега цената е 60 денари – вели таа.

Акбабиќ објаснува дека некогаш произведувале од 30 до 40.000 парчиња пролетен расад, а сега едвај произведуваат 20.000 парчиња. Од режан цвет порано одгледувале и кала, а сега на шега велат дека таа не е во мода. 

– Произведуваме околу 9.000 до 10.000 режан цвет хризантема. Kористиме технологија да цвета и кога не ~ е време, татко ми прв почна со таа технологија, а имаме и добра цена. Матичњаците се наши и добро е што сами си произведуваме расад – објаснува таа.

Семејството вели дека цвеќарството се исплати само ако е семеен бизнис. Се жалат на нелојалната конкуренција која, како што велат, никој не ја контролира, а ним им создава големи проблеми.

– Бизнисот се исплати, има за нормална живејачка. Тешко оди со наплатата, иако сега се чувствуваат некои промени. Наместо на фактура, бараат плаќање на сметка. Полека се става ред. Но имаме проблем со нерегистрираните цвеќари кои произведуваат по дворови и ни се нелојална конкуренција. Во Гевгелија нема многу регистрирани цвеќари, а дивите ги има многу повеќе – објаснува таа.

Kога ја прашавме дали помина добро на денот посветен на жените, кога најмногу се купува цвеќе, таа само се насмевна и рече дека „дала с`, ама не продала“.

– За 8 Март дадовме се` што имавме, дури и тоа што не мислев дека ќе се продаде бидејќи не ги задоволуваше нашите стандарди. Но не сум зела ниту денар. Се` уште чекам да ми платат – вели низ насмевка Акбабиќ.

Од една страна – лимената куќичка, а под пластениците нов свет – вистински рај. Од хризантеми до примули, импати и малку кали. Волшебен свет на бои и мириси кој остана далеку зад нас, затворен во гевгелиските пластеници.

Check Also

Аспидистра (lat.Aspidistra elatior)

  Ова растение со темнозелени листови може да поднесе речиси сè. Трпи сенка, чад, а …