Гладиолата е позната многу одамна. Цртежи со ова цвеќе се најдени на фреските во Помпеја. Името го добила по латинскиот збор gladius што значи меч, а потекнува од јужните делови на Африка и подрачјето околу Средоземјето.
Има долги, исправени, сабјести листови, а меѓу нив расте јако стебло на кое класесто се наредени цветови со шест латици кои може да бидат во сите бои. Цвета од јуни до септември, зависно од видот. Одгледани се многу различни хибриди, така да постојат многу мали, високи само 30 cm и со минијатурни цветови, а постојат и џиновски кои растат преку 1,5 m и имаат цветови широки 15 cm.
Треба да се засади на сончево место во растресита, добро прихранета и дренирана почва. Во континенталните краеви се сади од средината на март па до мај, а во приморските краеви малку порано. Луковиците се садат на 12-15 cm длабина, на растојание од 15-20 cm. Бидејќи цветовите им траат околу 2 седмици, посадете ги на временско растојание од 15 дена за да имате што подолго расцветани гладиоли.
Кога ќе почне да расте стеблото треба да водите сметка за редовно полевање за цветовите да бидат убави и богати. Високите вариетети треба да се потпрат.
На есен, кога листовите на гладиолата ќе станат речиси кафени, потребно е да се извади од земја. Листовите се режат на околу 5 cm, коренот се сече и луковицата се става негде на воздух да се исуши. Доволно е исушена кога надворешната лушпа лесно се вади и дури тогаш може да ја ставите на суво, студено и воздушно место.
Гладиолата се користи и како режено цвеќе. Пред да ја ставите во вазна треба да ги одвоите надворешните листови и стеблото косо да го исечете. Цветовите почнуваат да се отвораат од долу, па за да процветаат сите до врвот треба да се тргнат последните 2-3 сосема мали пупки. Редовно отстранувајте ги овенатите цветови и менувајте ја водата секојдневно.