Почетна / Вести Македонија / Ако не му купиме билет за Италија и Хрватска, јагнето ќе ни остане дома

Ако не му купиме билет за Италија и Хрватска, јагнето ќе ни остане дома

Сточарите бараат повисока откупна цена од понудените 140 денари за килограм жива мера, а извозниците се правдаат дека пазарот ја диктира цената, односно дека во Романија, Бугарија и Грција јагнињата се плаќаат по 2 евра за килограм.

Незадоволни производители и отежнат откуп. Ваква е сликата и оваа година при откупот на јагнињата наменети за пласман на традиционалните пазари: Италија и Хрватска. Грција оваа година нема да биде дестинацијата каде ќе отпатува македонското јагне бидејќи, таму, пазарот е преполн со грчко јагне чија откупна цена е многу ниска, а влијание има и кризата која ја намали побарувачката за јагнешко.

Штипските сточари велат дека веќе се на крајна издржливоста, поради високата цена на сточната храна и слабиот интерес за откуп на македонското јагне. Во штипскиот регион во едно бачило има од 300 до 1 000 овци.
– Јагнињата се таман, но откупот оди тешко. Откупувачите ни нудат 140 денари за килограм жива мера, што е навистина премалку. За разлика од сега, ланскиот откуп беше добар – јагнето се откупуваше по 175 денари. Ако споредиме, лани сточната храна чинеше 27 денари за килограм, а сега е 35 денари што е поскапување од над 30%, што значи дека оваа сезона имаме ем поскапа храна, ем поевтин откуп. Затоа очекувам деновиве откупувачите да ја подигнат цената затоа што не се издржува – вели Миле Пармачки, сточар од Штипско.

Митко Кржовски, исто така сточар од Штипско, оценува дека причина што откупот стагнира е што извозниците во земјава тактизираат. И тој како и Пармачки смета дека во услови кога храната (концентрат) е толку поскапена, 140 денари за килограм жива мера е премногу ниска цена.
– Откупот мора поинтензивно да се одвива инаку, јагнињата ќе прераснат и ќе ја надминат посакуваната граница и потоа тешко ќе има интерес за нив на странските пазари – вели Кржовски.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев вели дека е разговарано и со сточарите и со откупувачите да се најде заеднички јазик за да не се случи јагнињата да ни останат дома.
– Откупувачите велат имало многу евтино јагне во Италија и во Шпанија и затоа била ниска и откупната цена. За неколку дена очекуваме благ раст на цената, но кога ќе се случи тоа, не се знае. Се плашиме дека нашето јагне ќе порасне. Ова јагне исклучиво оди за италијанскиот пазар, а таму бараат лесно јагне. Покрупното јагне кое се троши на грчкиот или хрватскиот пазар не оди, бидејќи има многу ниски откупни цени во Хрватска и Грција и тамошните трговци не се заинтересирани за нашето јагне – вели Шаклев.

Од кланицата “Серта компани” од Кавадарци која е најголем извозник на македонско јагне велат дека во тек им се договорите со италијанските и хрватските партнери за извоз на македонско јагне на пазарите во Италија и Хрватска пред велигденските празници.
– Откупуваме според потребите. Не сум задоволен од извозот, но што е, тука е. Криза е, луѓето немаат пари. Во февруари извезовме 4-5 илјади јагниња во Хрватска и Италија. Очекувам подобар извоз до петок оваа недела, до кога завршува шпицот – нагласува Ристо Михајловски од “Серта компани”.

Александар Ричлиев од Струмичката кланица со ладилник, вели дека откупот моментално е запрен, бидејќи сточарите бараат повисока цена од 140 денари за килограм.
-Во Бугарија, Романија и Грција јагнето се откупува по 2 евра за килограм. Грција не откупила ниту еден килограм од кај нас, бидејќи има поевтино свое јагне. Да го помолиме Господ Грците да го изедат нивното јагне, па да почнат да го бараат нашето, но тогаш тоа ќе биде поголемо и цената ќе му биде пониска – вели Ричлиев кој истакнува дека за споредба со истиот период лани, сега направиле за 25% помал извоз.

Слично мислење имаат и во кланицата “Горни Полог” од Гостивар. За Рајко Максимовски, слабиот откуп се должи на тоа што сточарите се тие кои тактизираат и ја бараат ланската откупна цена.
-Ние откупуваме по 145 до 150 денари килограм жива мера за јагне од прва класа, а тие бараат повисока цена. Но, пазарот ја диктира цената…еве во Бугарија јагнето е многу поевтино. Сепак, има уште неколку денови за откуп, па што биде, нека биде – вели Максимовски.
Македонија располага со 780 илјади овци и точниот број на јагниња во моментов не се знае, бидејќи самите производители одлучуваат кои ќе ги остават, а кои јагниња ќе ги продадат.

Светлана БЛАЖЕВСКА

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …