Почетна / Цвеќарство / Воденка – Impatiens sp.

Воденка – Impatiens sp.

Ова нежно и брзо растечко растение потекнува од планинските шуми на источна Африка и Занзибар. Неговото латинско име “Impatiens” значи нестрплив, а тоа се однесува на експлозивното отворање на зрелите плодови кои го фрлаат семето наоколу.

Постојат многу хибриди, но сите имаат сукулентни стебленца и нежни цветови кои може да бидат бели, розови, портокалови, во сите нијанси на црвена, виолетови и прошарени.

Може да го чувате во саксии и сандачиња на терасата или во градината во полусенка. Бара многу влага, но не дозволувајте да остане вода во подлошката. Во периодот на интензивен раст (мај – септември) прихранувајте го на секои петнаесет дена со течно ѓубриво за растенија кои цветаат.Со доаѓањето на постудените денови внесете го внатре, ставете го на светло место и залевајте го само колку да не се исуши земјата целосно. Може да цвета цела зима ако температурата не падне под 15°С.

Воденката подобро цвета ако е “во тесно”, па не ја садете во големи саксии. Сите видови лесно се размножуваат со резници. Земете резница долга 8-10cm во рана пролет. Во плиток сад ставете парче дрвен јаглен и наполнете ја 2/3 со вода. Покријте го садот со целофан или најлон, заврзете го со гумено ластиче, направете дупки во целофанот и таму ставете ги резниците во вода. Кога ќе пуштат коренчиња пресадете ги во мали саксии.

Едногодишните видови кои најчесто се садат во градината (Impatiens walleriana) се размножуваат од семе, а младите растенија пресадете ги во мај.

Ако растението се издолжи, слободно одрежете ги врвовите за да добие грмушкаст изглед.

Check Also

Аспидистра (lat.Aspidistra elatior)

  Ова растение со темнозелени листови може да поднесе речиси сè. Трпи сенка, чад, а …