Дебарските сточари се принудени да го продаваат добитокот на диви пазари низ градот бидејќи на сточниот пазар, кој порано функционираше, изградени се куќи.
Својот крупен и ситен добиток сточарите најчесто го продаваат на просторот меѓу новата џамија и Центарот на култура, а пред празникот Kурбан-бајрам див пазар на добиток имаше и на главната улица. Со тоа не се задоволни ни граѓаните ни сточарите, кои ја нагласуваат потребата од определување локација за сточен пазар, зашто она што денес се прави не само што ја загадува животната средина туку го нагрдува и ликот на градот.
Од Здружението на сточари „Даши“ велат дека ова е неопходност поради актуелните услови. Според нив, бидејќи нема определено сточен пазар од страна на компетентните институции, сточарите се принудени да наоѓаат привремени локации иако се свесни дека начинот и местото на продажба се несоодветни. (В.Т.)
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=71DBF97D576A13428B4F53845AF47F7E