Проектот е финансиран со заем кредит од Јапонската банка за меѓународна соработка во износ од 70 милиони евра.
Четири и пол илјади хектари земја во кратовско-пробиштипскиот регион ќе се наводнува со цевководен систем со притисок за максимизирање на приходите од земјоделството. Тоа е предвидено во драфт-верзијата за реализација на втората фаза од проектот “Злетовица”, која вечера беше презентирана во Културниот дом во Пробиштип.
– Проектот “Злетовица” е еден капитален повеќенаменски проект кој е од стратешко значење, особено за граѓаните кои живеат во овој регион, а тоа се над 100.000 луѓе – рече Стојан Миланов, директор на ХС “Злетовица”.
Фазата 2 предвидува развоен систем за наводнување на земјоделските површини, како би се обезбедил зголемен приход од земјоделството. Системот за наводнување е поделен на два дела, потсистем Пробиштип и потсистем Кратово.
– Како главна цел на оваа студија за фаза 2 би можел да го издвојам диференцирањето на најдобро техничко решение на системот за наводнување, во однос на неговата физибилност, како би се подобрила ефикасноста и искористеноста на акумулацијата Кнежево. Наводнувањето нема да биде површинско, туку ќе се користат техники на наводнување на цевководи со притисок – рече Александар Тодоровски, презентирајќи делови од студијата.
За кредитор за изработката на техничката документација за фаза 2 и 3 од проектот е избрана Европската инвестициска банка, а од нив одобрени се 1,5 милион евра за изработување на техничката документација. Документацијата ја изработува конзорциум сочинет од четири фирми од кои главно фирмата “Свеко” од Софија, со седиште во Шведска, а домашната фирма е “Хидроенергоинженеринг” од Скопје.
Проектот “Злетовица” се гради во три фази. Првата фаза треба долгорочно да го реши проблемот со вода за пиење на околу 180.000 жители од шест општини: Штип, Пробиштип, Лозово, Кратово, Карбинци и Свети Николе. Во фаза 2 предвидено е да се наводнуваат земјоделски површини од двете општини од Пробиштип 3.500 хектари обработлива земјоделска површина, а во Кратово 1.070 хектари. Во третата фаза со која се заокружува проектот “Злетовица” е предвидено градење на повеќе хидроцентрали., поточно третата фаза е за производство на електрична енергија.
-Предвидена е изградба на 5 до 8 хидроцентрали со инсталирана моќ од 13 мегавати односно годишно производство од 50 милиони киловат-часови, што значи дека потребите на жителите на Пробиштип и Кратово би се задоволиле – вели Миланов.
Стефан РАШКОВСКИ
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=E8A4C757E8243641B93C0144D4DD5A10