“Агрофуд 2012” која е најстарата саемска манифестација, годинава ќе се одржи по 62. пат на Скопски саем, а главна тема што ќе провејува низ четирите саемски денови ќе биде: “Прехраната е основа за човештвото и има огромен потенцијал”.
Од Скопски саем информираат дека во две саемски хали на површина од 5.000 квадратни метри ќе се претстават најновите машини во земјоделската агромеханизација, земјоделските насади и вештачки ѓубрива, најновите машини во индустријата за пакување и амбалажирање на храна и пијалоци, конзервна индустрија, органска храна и ѓубрива.
-Се очекува саемската манифестација да ја посетат околу 15.000 посетители кои ќе имаат можност за започнување и продолжување на интензивни соработки со изложувачите од претставените индустрии кои директно, покрај Македонија, ќе има застапници и од Бугарија, Италија, Србија, Грција и Словенија – велат од Скопски саем.
Како придружни манифестации ќе се одржат третата по ред изложба на ЕКО ЕТНО Македонија каде индивидуално ќе се претстават руралните општини од Македонија, нивната култура, храна и фолклор. За прв пат оваа година, ќе биде поставен и проектот СЛОЊ ФООД Македонија, на кои ќе настапат 12 конвивиуми од Македонија во соработка со конвивиуми за СЛОЊ ФООД од Италија, каде ќе се подготвува традиционална здрава храна.
ПроКредит банка за прв пат оваа година ќе избира Нај ПРОактивен земјоделец во Македонија”.
-Изборот на најдобар земјоделец ќе биде во шест различни категории: житни култури, раноградинарство на отворено, раноградинарство под фолии или стакленици, производство на грозје и овошје, сточарство и органско производство. Земјоделците ќе бидат анализирани, разгледувани и избрани од страна на тричлена жири-комисија врз основа на три клучни критериуми: колку земјоделецот ги следи и имплементира најсовремените техники за земјоделско производство; како ги менаџира своите финансии и колку континуирано инвестира во подобрување на своето производство. Прогласувањето ќе се одржи за време на свеченото отворање на “Агрофуд 2012” при што во сите пет категории ќе биде доделен по еден ваучер во вредност од 150.000 денари, а добитниците парите ќе можат да ги искористат за набавка на обртни и основни средства – вели Александар Тодоров од ПроКредит банка.
Саемот кој почнува утре во 11 часот и ќе трае до 10 ноември, свечено ќе го отвори Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски.
(С.Бл.)
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=9F13F3776ECF2B45BA0FDEA35B09C996