Почетна / Лозарство и овоштарство / Темјаниката, вранецот, шардонето и мерлото ќе освојуваат нови пазари

Темјаниката, вранецот, шардонето и мерлото ќе освојуваат нови пазари

Винаријата Тиквешш во саботата во рамки на Фестивалот на младо вино им овозможи единствена можност на љубителите на врвното вино да дегустираат и да уживаат во младото вино од последната берба од 2012 година.

На настанот кој се одржа по трети пат во Кавадарци, за прв пат се отворија бочвите и големиот број гости ги вкусија и дегустираа вината од сортите: темјаника, вранец, шардоне и мерло.
– Целта на настанот е да се вкуси младото вино на винаријата и да се оцени неговиот потенцијал. Тоа е дел од нашата определба за подигнување на винската култура во Македонија преку популаризација на нашето вино баш на овој посебен ден. Денот е симболичен затоа што третата недела од ноември обично важи како ден кога се отвараат бочвите и имаме единствена можност да го пробаме виното и нормално стручните лица дополнително да го оценат неговиот потенцијал – истакна директорот на винаријата Тиквешш, Игор Илиевски.

Од ВВ Тиквешш очекуваат дека токму овие вина ќе се адут на винарницата во натамошното освојување на нови пазари и зајакнување на позициите на постојаните. Илиевски вели дека винарската визба од енолошки тим добила одредени оценки и оти генерално, бербата е оценета како одлична, а вината со одличен потенцијал.
– Оваа година сакаме да ги промовираме таканаречените четири звезди или четирите најдобри вина кои имаат најдобар потенцијал во моментов. Тоа се темјаниката и шардонето од белите вина и вранецот и мерлото од црвените – додава Илиевски.

Согласно последните објавени податоци на винарницата за деветте месеци од годинава, извозот на вино е зголемен за 33%, односно за 1,5 милиони евра, додека продажбата на домашен терен пораснала за само 5%, односно за 292 илјади евра повеќе во споредба со истиот период лани.
Илиевски истакнува дека винаријата Тиквешш се обидува да го освои американскиот пазар, а сериозни поместувања напред имало и при продажбата во скандинавските земји. На пазарите во Кина и Русија исто така се работело, но ефектот го очекуваат наредната година.

(С.Бл.)

Извор:http://vecer.com.mk/?ItemID=640A92AE89D6064EB72D3AC067082AAC

Check Also

Македонски вина претставени во Канадa

Македонски вина од винаријата „Далвина“ викендов беа претставени на традиционалниот меѓународен вински фестивал ,,Gourmet food&Wine …