Почетна / Вести Македонија / Дневно производство на 35 тони месни и сувомесни производи

Дневно производство на 35 тони месни и сувомесни производи

Компанијата Пекабескоо вчера го пушти во употреба новиот производствено-логистички центар за месни и сувомеснати производи. Во новиот капацитет се вложени 13 милиони евра, од кои 9,5 милиони се кредит од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Македонската банка за поддршка на развојот, а останатите се сопствени средства.

Фабриката има капацитет за производство од 35 тони на ден. Во неа ќе се конфекционира свежо месо, ќе се произведуваат паштети, ќе се складира и расекува на свежо месо, ќе се пакуваат смрзната риба и смрзнат зеленчук и овошје. Магацините се со седум илјади палетни места на сите режими на лагерување. Капацитетот за обработка е најмалку 30 тони свежо или замрзнато месо дневно како суровина, а ќе се работи според ХАСАП стандардите за производство на сувомесни производи.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, изјави дека на барање на месната индустрија Владата предложила пакет измени на ИПАРД програмата пред Европската комисија при што во иднина ќе се кофинансираат инвестиции во делот на градежи зафати и опрема, прилагодување и модернизација на производството и воведување иновативни технологии и нови производни линии, набавка за опрема за подобрување и модернизација на производните технологии за преработка, пакување и маркетинг.

Директорот на Пекабескоо, Слободан Кутревски истакна дека во компанијата има 310 вработени, во тек е оглас за 50 нови работни места, а кога таа ќе го достигне својот полн капацитет, дополнително ќе бидат вработени уште 200 лица.
– Објектот е направен по сите техничко-технолошки стандарди. Технолошкото решение за изградба на објектот го направи швајцарска компанија, запазувајќи ги сите европски нормативи и стандарди во производство и дистрибуција за центарот да добие и европски извозен број – посочи Кутревски.

Пекабескоо покрај на македонскиот, присутна е и на пазарите во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија.

Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=67609B137A9A0641B3DE79E31C1B03EC

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …