Шведската управа за земјоделство препорачала воведување данок на месо за да се намали потрошувачката, а со тоа и еколошките последици од производството на месо. Во управата сметаат дека таквата давачка треба да се воведе во цела Европска унија.
Секој Швеѓанец, според последните податоци, просечно јаде по 90 килограми месо годишно, при што најпопуларни се телешкото и говедското месо. Пред 20 години во Шведска просечно се трошело по педесетина килограми месо годишно. Инаку, потрошувачката на месо во Унијата се движи околу просекот во Шведска.
Експертите во Шведска велат дека би било пожелно потрошувачката да се намали на 45-50 килограми месо годишно, а еколозите предупредуваат дека растечката потрошувачка на месо во светот, особено во земјите што бележат брз стопански раст, негативно влијае на водата и земјиштето и придонесува за зголемување на емисијата на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина.
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=7A0ECB316B7DE34DB480C9A573936456