Почетна / Вести Македонија / Под лупа 5% од земјоделските стопанства

Под лупа 5% од земјоделските стопанства

Се засилуваат контролите на директните плаќања во земјоделството. Ова се предвидува со измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој што беа разгледани и поддржани од матичната собраниска Комисија.

Како што рече министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, особено е значајно што со измените се предлага воведување категории на земјоделски стопанства за да се обезбедат различни аспекти при креирањето на социјалната политика, односно за усогласување на целните групи за државна помош преку политиките на задолжително социјално осигурување.
– Со донесувањето на законот се овозможува прецизирање на одредбите за спроведување на директните плаќања и дополнително подобрување на системот за нивна реализација согласно можностите на македонската економија, дополнително уредување на условите и принципите за реализација на државна помош во земјоделството и руралниот развој, доуредување на одредбите за запишување на земјоделските стопанства во Единствениот регистар (ЕРЗС) како основ за стекнување право за користење финансиската поддршка и зајакнување на одредбите за услови кои треба да ги исполнат правните лица за запишување во Регистарот на откупувачи – истакна Димовски образложувајќи го текстот.
Со контролата на самото место во текот на годината треба да бидат опфатени најмалку 5% од земјоделските стопанства кои поднеле барања за директни плаќања по површина, 10% од стопанствата кои поднеле барање за директни плаќања по грло добиток вклучувајќи најмалку 5% од вкупниот број грла за кои е поднесено барањето, 2% од земјоделските стопанства кои поднеле барања за директни плаќања по единица земјоделски производ од анимално потекло и 5% од земјоделските стопанства кои поднеле барање за директни плаќања по единица земјоделски производ од растително потекло.
Контролата по единица земјоделски производ во откупни и преработувачки капацитети вклучува проверка на најмалку 30 отсто од сите субјекти кои вршат откуп или преработка на земјоделски производи избрани врз основа на анализа на ризик, додека контролата за директни плаќања по грло добиток предадено во кланица се врши на примерок од најмалку 30 отсто од сите кланици при што се контролира примерок од 5 отсто од вкупниот број заклани животни во секоја кланица во период од 12 месеци пред контролата.
Доколку се откријат нерегуларности кај одредена мерка на директни плаќања, регион или дел од регион, бројот на контроли во тековната година, како и процентот на земјоделски стопанства во следната, се зголемува.

Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=6CA6303956A38846BC184B8E07FD3861

 

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …