Почетна / Вести Македонија / Извезуваме компири, увезуваме чипс

Извезуваме компири, увезуваме чипс

Недоволното присуство на преработувачки капацитети во земјава е причината поради која граѓаните купуваат увозни готови производи кои многу често се произведени од домашна суровина која претходно сме ја изевезле.

Земјоделците не ретко кажуваат дека извезуваме домати, а увезуваме кечап, извезуваме компири, а увезуваме чипс, нема фабрика за сушење јајца или производство на млеко во прав. Во Агенцијата за поддршка на земјоделството и рурален развој велат дека откако се достапни европските пари за македонските земјоделци, има интерес за отворање преработувачки капацитети. Официјалните бројки кажуваат дека досега од овие пари се одобрени вкупно 20 проекти во вредност од околу 270 милиони денари или околу 4,4 милиони евра.

– Во изминатите шест јавни повици од ИПАД-програмата одобрени се вкупно 20 проекти за инвестиции во преработувачки капацитети за млеко, зеленчук и овошје. Помеѓу позначајните инвестиции се линија за пастеризација, бланширање и пакување пиперки од околу 50 милиони денари, линија за преработка на овошје и зеленчук од околу 33 милиони денари, линија за производство на ајвари и друго – вели Тони Димовски, директор на Агенцијата.

Kонзервната индустрија најзастапена

Од тоа што може да се види на терен, од преработувачките капацитети најзастапена е конзервната индустрија. Во моментов има 47 активни преработувачки капацитети, а годишно од нив се извезуваат околу 39 илјади тони конзервирани производи. Експертите велат дека за поголем пробив до уште повеќе потрошувачи, домашната конзервна индустрија треба да инвестира во додавање поголема вредност на производите – соодветно пакување и брендирање бидејќи тие не работат со полн капацитет.

– И покрај тоа што конзервното производство во текот на 2011 година порасна за пет отсто, а извозот за 20 отсто, конзервните фабрики работеа со само 40 отсто од своите капацитети. Слабата искористеност се должи пред с` на недостигот од суровини и недоволниот пристап до извори за финансирање – велат во Асоцијацијата на преработувачи.

Оттаму причините за малиот капацитет на производство ги лоцираат во недостигот од суровини.

– Ако барате континуиран извоз на еден голем пазар, мора да одговорите со количество. Kај нас фабриките се мали, сезонски се работи и ако сакаме сериозен настап на големите пазари, мора да се здружуваме и да произведуваме по слични рецептури – велат во Асоцијацијата.

Иако е за голема пофалба продирањето на конзервните компании на странски пазари, сериозен пропуст е евидентниот недостиг од препознатливи брендови. Изминатите неколку години многу компании пионерски се обидоа да ги брендираат своите производи, пред се ајварот, кој е национално препознатлив производ во многу земји, но тоа не ги привлече и другите компании да го следат примерот. Експертите коментираат дека освен високиот квалитет, најголемата предност кај нашата конзервна индустрија треба да се бара во додавањето вредност на производите. Тоа подразбира нивно брендирање, покреативно и различно пакување, додавање приказна на самиот производ.

Нема фабрика за сушење јајца

Во Програмата за рурален развој подолго време стои неискористена мерката за кофинансирање за набавка на опрема за производство на јајце во прав и меланж. Никој не сака да произведува јајце и млеко во прав.

Мерката е најавена уште пред неколку години кога првично за фабриката за млеко во прав беа предвидени околу 200 илјади евра. Kофинансирањето за набавка на опрема за фабрика за јајце во прав и меланж во 2009 година остана само на околу 211 илјади евра.

Идејата за фабрика за млеко во прав беше ставена само во Програмата рурален развој за 2009 година, а веќе следната година ја немаше, па остана само онаа за јајца во прав и меланж. Но, од тогаш досега, нема ниту еден заинтересиран и за оваа мерка.

Според пресметките на агробизнисмените, изградбата на една ваква фабрика која ќе биде со најсовремена опрема, и ќе врши не само преработка на јајце, туку и на млеко во прав, чини близу 4 милиони евра, а само за јајце во прав околу два милиона евра.

Валентина Ангеловска

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=E8A6384966AB974EB3624FD8F1C88D3D

 

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …