Почетна / Вести Македонија / Здружени ќе произведуваме многу повеќе

Здружени ќе произведуваме многу повеќе

Формирањето задруги доаѓа како препорака од Европската унија. Со здружувањето на земјоделците ќе се стави крај на непланското производство.

Земјоделците од Велешко во целост ја поддржуваат иницијативата на ресорното министерство за формирање задруги. Засега најголем интерес пројавија земјоделците од селото Иванковци. Тие велат дека со формирање на задруга повторно ќе се здружат како некогаш и дека ќе работат многу поуспешно. Сметаат дека на тој начин ќе добијат многу предности. Со помали трошоци ќе остварат поголемо производство и поголема добивка.
– Здружени ќе можеме да произведуваме многу повеќе. Со помали давачки ќе остваруваме поголеми приноси. Семенскиот материјал и репроматеријалите ќе ги купуваме поевтино, а субвенциите ќе бидат поголеми за разлика од оние што ги добивавме како индивидуални земјоделци – вели земјоделец од Иванковци.

Во формирањето на задругите активно е вклучена и Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството. Вработените прават напори и даваат совети како индивидуалните земјоделци да ја почнат постапката на здружување.
– Државата на земјоделците кои сакаат да формираат задруги им дава голема помош. Од програмата за рурален развој има одвоено 11 милиони денари. Веќе направивме разговори со сите оние кои сакаат да формираат задруги. Луѓето се свесни за добрите работи кои им се нудат. Разговорите одат во вистинска насока – вели Тони Тасковски, раководител на Агенција за поттикнување и развој на земјоделието.

Со формирање на задруги земјоделците сметаат дека не само што ќе го зголемат производството, туку многу полесно ќе можат и да го продадат. Покрај тоа, со зголемената понуда ќе можат да отворат и нови пазари.
– Полесен ќе ни биде пласманот преку задругите. Ние индивидуалните земјоделци, кои обработуваме по 20 до 30 хектари земја, годишно имаме 200 до 300 тони жито. Проблем ни е пласманот и наплатата. Преку задругата тој проблем нема да го имаме. Родот полесно ќе го продаваме, а парите навреме ќе ги добиваме – вели земјоделец од Иванковци.

Формирањето задруги доаѓа како препорака од Европската унија. Со здружувањето на земјоделците ќе се стави крај на непланското производство. Во Агенцијата велат дека нашиот земјоделец е работлив. Земјата е богата и може да даде многу храна. Преку формирање задруги многу побрзо ќе одиме напред. Инаку, во Велешко се предвидува да се формираат задруги за лозарство, житни култури, производство на ориз, овоштарство и градинарство. На потег се земјоделците.

(С.А.)

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …