Состојбата со есенските посеви е повеќе од добра. Последните дождови и снегот што падна придонесоа пченицата и јачменот да напредуваат.
– Влага има, но подобро ќе биде ако по фрлањето на ѓубривото падне дожд. Состојбата со посевите е добра. Во реонот на Иванковци под пченица и јачмен се посеани 1.500 хектари – вели земјоделец од Иванковци.
Вештачко ѓубриво во продавниците има и од Србија и од Бугарија. Цената, според квалитетот, е различна. Се движи од 1.100 до 1.500 денари за вреќа од 50 килограми.
– И покрај ваквата цена земјоделците мораат, ако сакаат подобри приноси, да ги фрлат потребните количества вештачко ѓубриво. Временските прилики се погодни, па се очекува пченицата и јачменот, по прихранувањето, уште побрзо да напредуваат – вели Зоран Ивковиќ, претседател на регионалната комора на земјоделците.
Во општините Велес, Чашка и Градско под пченица и јачмен се посеани 7.800 хектари од кои 5.200 се под лебно жито. Најголеми површини се наоѓаат во ЗК Вардарр од Градско. Комбинатот под пченица има 1.500, а под јачмен 1.400 хектари. Освен во Иванковци житарки во Велешко има посеано и во реонот на селата Ново Село, Чашка, Раштани, Оризари, Сујаклари и Извор.
(С.А.)
Извор: vecer.com.mk