Почетна / Вести Свет / Србија ќе има доволно пченица и за извоз

Србија ќе има доволно пченица и за извоз

Србија ќе има доволно пченица за извоз. Српските агрономи од Факултетот за земјоделство во Белград велат дека годинава се очекува принос од околу 2,5 милиона тони кој не само што ќе ја покрие домашната потрошувачка, туку и ќе овозможи да се снабдат со лебно жито и традиционалните пазари кои секогаш купуваат од нив. Домашните мелничари велат дека ваквата состојба ќе овозможи стабилна цена на лебот и на белите печива во државава.

Според процените на српските професори, само 4 отсто од површините засадени под пченица годинава ќе имаат помал род. Според официјалните статистички податоци во Србија минатата есен се засеани 550.000 хектари пченица, а според податоците на здружението „Жито Србија“ тие површини се поголеми и изнесуваат 580.000 хектара.

– Лебното жито засега ветува добар род и ако во наредниот период временските услови бидат поволни, ќе има доволно пченица за сите. Поплавите однесоа малку од предвидените количества. Се очекува род од 2,5 милиона тони што е на ниво на нашиот повеќегодишен просек со многу добар принос од 4,5 тони по хектар. Со оглед дека нашите потреби на годишно ниво се 1,5 милион тони значајни количества остануваат за извоз – вели Вукосав Саковиќ, директор на здружението „Жито Србија“.

Според него, непосредно по поплавите се појавија информации дека за да се задоволат сопствените потреби може да се случи извозот на лебно жито да биде забранет.

– Со ваквите предвидувања на агрономите овие претпоставки се надминати. Тие претпоставки се причина во моментов ние како држава да имаме највисока цена на пченицата во регионот од речиси 25 динари, а до пред два месеца истата чинеше 22 динара. Цената е крената бидејќи се мислеше дека ќе нема доволно и вештачки беше зголемена – вели Саковиќ.

Според српските фармери, самата жетва ќе ја одреди цената.

– Цената на житото паѓа и на светските берзи, па ќе мора и ние да се вклопиме. Очекуваме пченицата да биде околу 16,5 до 17 динари за килограм што е слично со минатогодишната. Ќе има доволно и пченка и сончоглед – велат српските земјоделци.

Нашите мелничари велат дека веста што доаѓа од Србија е охрабрувачка и дека целиот недостиг од пченица ќе го задоволат оттаму.

– Годинава главно силосите ќе ги наполниме со домашна пченица. Според агрономите, годинава ќе имаме добар род и добар квалитет. Секако, најавите дека Србија има доволно пченица ни одат во прилог. Kоличествата што ќе недостигаат ќе ги увеземе од таму – вели Николчо Георгиев, сопственик на „Мак млин“ од Чешиново.

Процените се дека оваа година од засеаните 90.000 хектари со пченица, ќе се оженат од 260.000 до 280.000 тони, за разлика од лани кога производството изнесуваше 218.000 тони пченица. Околу 40 отсто од производството или 100.000 тони откупуваат мелничарите. Годишните потреби на Македонија се од 250.000 до 300.000 тони. Ако се има предвид податокот дека ланските резерви во висина од 30.000 тони се префрлени во оваа година, тогаш на Македонија ќе ~ недостигаат околу 150.000 тони пченица кои ќе мора како и секоја година да ги увезе.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …