Почетна / Вести Македонија / Да се искројат лозјата погодени од градот

Да се искројат лозјата погодени од градот

Веднаш да се пристапи кон кроење на виновите лози кои се од 90 до 100 отсто оштетени од градобитните зрна што удрија по нив во невремето што ја зафати Тиквешијата пред неколку дена. Ова е препораката што до лозарите од најлозарскиот регион во Македонија ја упатува Благоја Мишковски, професор по стручни предмети во средното земјоделско училиште од овој град.

– Нема што да чекаат производителите на грозје чии лозови плантажи се буквално столчени од градот. Тие, секако, го изгубија родот од лозјата за оваа година. Сега треба да се свртат кон иднината и да размислуваат како да го спасат и грозјето што виновите лози во своите лозови насади треба да го родат в година. За да има здрави ластари за резидба на пролет следната година, најдобро е сега сите зелени развиени ластари да се искројат на една или две папки. Од нив ќе се развијат нови ластари кои ќе созреат до крајот на вегетацијата. Со тоа ќе се обезбедат здрави родни ластари за наредната година – појаснува професорот.

Нагласува дека врнежите од град не им можеле ништо на постарите делови од виновата лоза, но дека ги оштетиле токму младите зелени ластари, кои вообичаено носат род, а кои сега не смеат да се чуваат. Во спротивно, кажува тој, ќе созреат ластарите погодени од градот, но тие ќе бидат со многу рани.

– Тие рани, пак, за жал, овозможуваат развој на разни штетни микроорганизми, главно бактерии и габи, системско заболување на лозите. Велам дека таквата ситуација мора да се избегне за да не дојде до заболување на лозите – категоричен е Мишковски.

Тој додава дека сето ова мора да се направи поради одржување на добрата здравствена состојба на лозовите насади. Потоа, за овие лозја, исто како и оние што се помалку удрени од градобитните зрна, препорачува што побрзо третирање со бакарни препарати.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …