Почетна / Вести Македонија / Преку компјутер ќе ја води целата фарма

Преку компјутер ќе ја води целата фарма

Стеванчо Јордановски, фармер од прилепското село Мажучиште е еден од петнаесетте македонски земјоделци кои бесплатно ќе добијат софистицирана информатичка технологија и преку компјутер ќе можат да ги водат фармите.

Станува збор за Agro IT, европски проект наменет за зголемување на ефикасноста во земјоделството. Во него се вклучени седум земји од Европа, меѓу кои и нашата. Носител на проектот е компанијата „Дата лаб“ од Словенија, а партнер за Македонија е Федерацијата на фармерите.

Јордановски располага со мешана фарма со 30 молзни крави, полјоделско производство на 40 хектари, како и производство на тутун на три хектари земјоделска површина. Тој бесплатно ќе добие софтвер за менаџирање на фармата кој чини над 42.000 денари, како и инструменти и друга опрема за следење и мерење на квалитетот на производството.

– Во денешно време без модерна компјутерска технологија не може да се биде конкурентен на пазарот. Ние со оваа технологија ќе можеме поедноставно да го следиме нашето производство, навреме да можеме да реагираме со заштитни мерки. Kомпјутерски ќе можеме да ја водиме и сметководствената евиденција на фармата – вели Јордановски.

Една од главните придобивки на оваа софистицирана технологија е што земјоделците ќе добијат лиценцирани инструменти преку кои ќе може да го мерат квалитетот на родот. Со ова нема веќе да зависат само од процената на откупувачите и нивното дефинирање на откупната цена.

– Земјоделците ќе може при продажбата на производите да ја знаат вистинската вредност на истите. Kога се работи за продажба на млекото, ќе добијат квалитетни сертифицирани инструменти и мерачи за масленост, протеини и за вода и самите ќе го знаат квалитетот на млекото, а не откупувачите да им ја диктираат цената според нивните процени- изјави Љупчо Станковски, потпретседател на Федерацијата на фармерите.

Овие напредни софтверски пакети и инструменти може да ја мерат и кашливоста на оризот.

– Во Kочанско се појави проблем со кашливоста на оризот минатата година. Некои од земјоделците се сомневаа во процените. Сега ќе можат сами да оценат дали е оризот квалитетен, а не да зависат од процената на откупувачите – додаде Станковски.

Примената на ваквите системи во Македонија е во зачеток, а во Словенија веќе ги користат стотина земјоделци.

– Проектот ќе им овозможи на земјоделците да го унапредат работењето, да ја зголемат ефикасноста на фармите и да имаат повеќе увид во работењето – изјави Ирина Ризинска од компанијата „Дата лаб“.

 

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …