Почетна / Вести Македонија / На прсти се бројат нивите со противградобитна мрежа

На прсти се бројат нивите со противградобитна мрежа

На прсти се бројат нивите со противградобитна мрежа во Македонија. Ова прашање повторно стана актуелно по невремето што обра дел од грозјето во Тиквешијата.

 

Во работните единици на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството во Kавадарци и во Неготино прашавме дали и колку изминатиот период земјоделците биле заинтересирани за да постават противградобитна мрежа над лозовите насади, која е пракса во странските земји. Раководителот на единицата во Неготино Ѓорѓи Ајтов ни кажа дека досега никој од Неготинско и од Демиркаписко не пројавил интерес за такво нешто ниту, пак, се интересирал за финансиска поддршка за една таква инвестиција.

– Мислам дека производителите на винско грозје стравуваат да пристапат кон една ваква инвестиција бидејќи тоа би било дополнителен трошок за нив, цената на грозјето не дозволува дополнителни трошоци што ќе го оптоварат производството. Сметам дека спасот од елементарни непогоди е во осигурувањето на земјоделските култури каде што државата со 60 отсто ја покрива вредноста на полисата – рече Ајтов.

И неговиот колега од Kавадарци, самостојниот референт Лазе Стамаџиев, откри дека и во Kавадаречко и во Росоманско досега немало заинтересирани баратели за обезбедување вакви мрежи преку финансиска поддршка и покрај тоа што на земјоделецот би му се вратиле 50 отсто од вложените средства.

– Но, по невремето од пред неколку дена, кај нас веќе се обратија двајца земјоделци распрашувајќи се за оваа проблематика со заштитните мрежи – рече Стамаџиев.

Земјоделското семејство Мојсовски од неготинското село Тимјаник се меѓу малкуте кои на дел од земјоделскиот имот што го обработуваат имаат поставено мрежа за заштита.

– Со мрежата се постигнуваат два ефекта. Заштита од град и намалување на индексот на ултравиолетовото зрачење, со што се спречуваат изгореници врз земјоделскиот производ. Засега имаме заштитна мрежа на само 5 декари лозје со трпезно грозје и многу сме задоволни од инвестицијата. Имаме многу поквалитетно грозје. В година планираме да ставиме мрежа уште на 3 хектари – нагласуваат Мојсовски.

Од нив дознаваме дека за да се постави мрежа на едно лозје, потребно е да се инвестираат од 8 до 15 илјади евра за еден хектар земјоделска површина во зависност од конструкцијата.

– Поради климатските промени, сите земјоделци ќе треба да стават вакви мрежи. Но, за жал, с` уште не се дојдени до тој степен да можат да си дозволат ваква инвестиција. Но, таа иако е многу скапа, е многу исплатлива. Во Израел и во Италија имавме можност да видиме дека сите лозови насади се под заштитна мрежа и немаат проблем со изгореници, град или болести – додаваат Мојсовски.

ЦЕЛОСНО УНИШТЕНИ НАСАДИТЕ ВО ОПШТИНА НОВО СЕЛО

Четирите подбеласички села, Мокриево, Борисово, Kолешино и Мокрино, завчера ги зафати страшно невреме. Уништени се 100 отсто од насадите и посевите, а има и голема материјална штета на локалните патишта. Во општината Ново Село велат дека вчера уште рано наутро имало вонредна седница на Советот на општината. Формирана е и комисија за процена на штетите, која цел ден вчера беше на терен. Во општината велат дека најмногу настрадале посевите со пченица, а од насадите уништени се пиперот и бостанот. Голема штета има и на овошните дрва, кои се целосно оштетени од градот и дождот.

– Освен комисијата за процена на штетите, вчера на терен беа и вработените од јавното комунално претпријатие во Струмица, кое го расчистуваше теренот погоден од невремето. Според членовите на комисијата, уништена е и дел од инфраструктурата на погодените струмички села. Тотално се однесени дел од патиштата што ги поврзуваат бидејќи некои од нив и не се асфалтирани. Засега може да кажеме дека штетите се многу големи, но за конечна бројка треба да почекаме една седмица – велат во општината.

Од таму објаснуваат дека до 20 овој месец и самите граѓани ќе поднесуваат известувања за штетите што ги претрпеле. Дури по овој период ќе се знае колкави се штетите. (В.А.)

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …