Род: Araliaceae
Латински назив: Schefflera
Домашен назив: Шефлера
Потекло: Азија, Австралија
Клима: Суптропска
Минимална температура: 12 °C
Оптимална температура: 18 °C
Светлина: Индиректна светлина
Почва: Добро дренирана
Размножување: Семе и вегетативно
Опис:
Шефлерата потекнува од Австралија, Нова Гвинеја и Јава, се сретнува во јужна Флорида и во топлите региони на централна Флорида. Постојат повеќе од 900 видови, некои од нив може да достигнат висина и до неколку метри. Може да бидат дрвенести, жбунести или ползечки. Широките листови произведуваат доста кислород и затоа се добри прочистувачи на воздухот. Како собно растение се одгледува во цел свет.
Најчестите видови кои се одгледуваат се Schefflera actinophylla, Schefflera arboricola, Schefflera arboricola compacta, Schefflera elegantissima и др.
Сл.1 Schefflera arboricola
Сл.2 Schefflera actinophylla
Сл.3 Schefflera elegantissima
Морфологија:
Листовите се со овален облик, прстесто распоредени со ширина до 30 cm. Најчесто се со зелена боја, кожести и со мазна површина. Покрај еднобојните видови постојат и видови со шарени листови бело- зелени или крем- зелени. Како саксиско цвеќе може да порасне и до 2 m, доколку коренот има доволно простор да се развива. За да не расте во висина растението треба да се кастри за да се добие ниска и густа форма. На местото каде што е исечено ќе се разграни на 2-3 гранки. Најдобро време за кастрење е пролет. Цвета во лето ама само во природа, многу ретко во саксија.
Сл.4 Двобојна шефлера
Сл.5 Еднобојна шефлера
Одгледување:
Најдобро е да се оросува еднаш неделно бидејќи ова е тропско растение кое претпочита висока влажност на воздухот. Оптимална температура за одгледување е 15-18 °C во зимските месеци и 24 °C во летните месеци. Во периодот на вегетација (април- октомври) треба умерено да се ѓубри со течно ѓубриво на секои 2-3 недели. Во зимскиот период не треба многу да се наводнува, подобро поднесува сува отколку премногу влажна почва. Доколку ја одгледувате шефлерата во стан со парно треба да ја поставите на поладно место без провев. Може да дојде до појава на растителни вошки и опаѓање на листовите ако температурата на воздухот е висока и воздухот сув. Болестите многу ретко се сретнуваат кај ова растение. Проблеми може да настанат ако премногу или премалку се полива и ако е многу сув воздухот.Во летниот период треба да се чува во соба бидејќи не поднесува директна сончева светлина. На шефлерата и е потребно место со индиректна светлина и без провев.
Младите растенија треба да се пресадуваат секоја пролет, додека не ја достигнат големината на саксијата од 20-25 cm. Најдобро е да се сади во мешавина од тресет и чакал 50%:50% или 50% чакал, 25% тресет и 25% глинеста почва. На старите растенија треба да им се промени горниот слој на секои 2 години. Доколку сакате вашата шефлера да расте во висина тогаш треба да ја пресадувате секоја година за да се стимулира растот на коренот. За пониски и поразгранети растенија најдобро е да се отсече врвот. Со сечење на гранките и корените може да се формира бонсаи од шефлера.
Сл.6 Бонсаи шефлера
Автор: www.agri.mk