Сточарите од дебарскиот регион, со своите стада, ги напуштаат бачилата и летните планински пасишта од падините на Бистра, Стогово, Kораб и Kрчин и се селат во потоплите краеви. Преселбата почна деновиве и се очекува да заврши до крајот на неделава.
– Од падините на споменатите планини треба да слезат околу 30 илјади овци. Од вкупниот број, 15 илјади ќе бидат сместени во периферијата на Дебар и Центар-Жупа, додека над 14 илјади го продолжуваат патот за потоплите краеви, долината на Вардар и Пелагонија – велат од ПЕ Министерството за земјоделство.
Традиционално, со децении, дел од сточарите, посебно оние од општина Центар-Жупа, во текот на зимскиот период ги сместуваат своите стада на неколку локации по Вардарската Долина, а дел во селата на Пелагонија, за што имаат дозволи од соодветните институции. Што се однесува до тие што остануваат тука, главно стадата ги сместуваат во близина на реката Црн Дрим и пограничните села. Сточарите навреме имаат обезбедено доволно резерви од сено-луцерка, пченка, јачмен и друг вид храна за стоката. (В.Т.)
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=D08FCFD8B0E95B4382D919FEA9636BF0