Дел од расипаното месо од Германија завршил на пазарите во странство, вклучувајќи и некои балкански земји, пишува германскиот неделник „Фокус“, кој на веб-страницата истакна дека станува збор за „Бугарија, Романија и за други балкански земји“.
Земјоделците од Босна и Херцеговина изразија сомневање дека дел од тоа месо завршил на тамошните трпези, со оглед на тоа дека во земјата се увезуваат големи количества германско месо.
Германија ја потресе голем скандал, откако двајца работници на една компанија за производство на месо од Бад Бентајм открија дека сопственикот на компанијата на работниците им наредувал големи количества расипано месо да мешаат со здраво и да го продаваат и извезуваат како свеж производ.
Неделно се преработувале меѓу 50 и 100 тони расипано месо, а вкупната количина на смеса од здраво и расипано месо изнесувала 400 тони.
– Обвинителите во покраината Долна Саксонија покренаа истрага против фабриката за преработка на месо, во која властите во јуни извршија тестирање, изјави вчера портпаролот на германското Министерство за заштита на потрошувачите.
Фабриката е осомничена за мешање на расипано месо со здраво, за ставање лажни етикети и лажирање на декларациите за потеклото на месото.
Извор: dnevnik.mk