Почетна / Вести Свет / Човештвото ќе јаде сè поскапа храна

Човештвото ќе јаде сè поскапа храна

Храната во следните десет години на светско ниво ќе поскапи за 20 до 40 отсто, прогнозира Организацијата на обединетите нации за храна и земјоделски производи (ФАО).

 

Во последниот извештај на организацијата се изнесени црни прогнози за глобалното производство и за фрапантен раст на цените на храната. Поскапувањето на храната е последица на зголемената побарувачка за храна, особено во земјите на Далечниот Исток. Најголем скок ќе имаат цените на преработените прехранбени производи, а рапидно ќе поскапува месото. Поскапувањето ќе биде најмало кај житарките бидејќи таму ќе има зголемување на производството.

Субвенциите ќе се исплатат

За домашните економисти, логично е предвидувањата на ФАО да не ја заобиколат Македонија и препорачуваат да се направат напори за подготвено да ги пречекаме следните години.

Според професорката Марија Заразанкова Потевска, повисоките цени на храната се логична последица на зголемување на бројот на населението во светот.

– Сметам дека ова е комплексен проблем на кој нашата земја работи многу, особено во делот на производство на храна. Субвенциите, земјоделското земјиште, поволностите при набавка на репроматеријали, секако, позитивно влијаат на зголемување на производството на храна. Сепак, потребна ни е долгорочна стратегија – вели Заразанкова Потевска.

Според неа, во следните десет години мора многу да се вложува во преработувачката индустрија.

– Готов производ, а не суровини или земјоделски производи можат многу да помогнат во извозот на храна, а потоа истите средства да се искористат во аграрот. Треба да се трудиме да ги задоволиме домашните потреби со храна, бидејќи имаме квалитетно и здраво производство – вели Потевска.

За неа е клучно владата да најде начини за да им овозможат на земјоделците пристап до технологијата за да се зголеми производството.

Аграрот приоритет

Според извештајот на ФАО, во светот има забавување на растот на производство на храна и продуктивност и тоа е причина за загриженост. Според него, владите треба да најдат начин на земјоделците да им се овозможи пристап до технологија, за да го зголемат производството и заради поголема понуда на пазарите. Растот на цените најмногу ќе влијае врз земјите во развој, каде што некои семејства ќе трошат и до 60 отсто од приходите на храна.

Во Владата велат дека земјоделците мора да ги искористат трендовите на домашниот пазар, кои укажуваат на висока лојалност на домашните потрошувачи кон македонските земјоделски производи. Исто така, наменски да ја реализираат финансиската поддршка за обновување и проширување на производството и инвестирање во модернизација и повисока продуктивност.

За министерот за земјоделство Љупчо Димовски, производството на храна и земјоделството остануваат меѓу приоритетите на владините економски политики.

– Во следниот период, како и досега, треба да продолжат напорите за издигнување на статусот и состојбата на македонскиот земјоделец на уште повисоко ниво. Тоа е единствено можно преку зголемување на конкурентноста на производството, која може да се постигне само со вложување и инвестиции во негова модернизација. Подобрувањето на квалитетот и безбедноста на земјоделските производи и храната, маркетингот и пласманот на производите, се областите во кои исто така е неопходно земјоделците да посветат поголемо внимание – вели Димовски.

Зголемено производство

Производството на житни култури во последните неколку години е стабилно, имајќи ги предвид неповолните агро-климатски услови лани, велат во Министерството за земјоделство.

Според нивните податоци, производството на ориз бележи пораст од 64 отсто годинава споредбено со 2008. Површините под пченица се зголемени за околу 1.400 хектари, а родот достигна 280.000 тони, што е зголемување од околу 30 отсто во однос на 2012 година. Производство на пиперки и краставици е зголемено за 8 отсто, а на компир, грав, домат на отворено, кромид и бостан покажува тренд на стабилност последниве 2-3 години. Јаболкопроизводството бележи раст од 21 отсто, а преработените производи од овошје и зеленчук се зголемени 2,5 пати.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …