Почетна / Вести Македонија / Со новите вински брендови освојуваме нови странски пазари

Со новите вински брендови освојуваме нови странски пазари

Од винарските визби велат дека за влез и освојување на кој било пазар најважен е квалитетот на виното, количината на производот кој може да се понуди како и бизнис соработката со странските пазари.

Виното е еден од производите на нашата земја кои имаат голем извозен потенцијал и за него е потребно знаење и голема креативност, особено во градењето на стратегии за настап на странските пазари. Македонските винарници најголем дел од виното го извезуваат на регионалните пазари, но во последните неколку години се повеќе може да се најде на кинескиот, американскиот и рускиот пазар.

Тоа го покажуваат и последните податоци од Министерството за земјоделство според кои во првите девет месеци извозот на вино во шишиња во Германија, кој е најголем пазар на македонското вино, е зголемен за 6,5 пати по количина и 4,5 пати по вредност, на кинескиот пазар кој допрва се освојува, за скоро пет пати по количина и 2,5 пати по вредност, а на рускиот пазар кој има голем потенцијал за македонската винска индустрија, пет пати по количина и 3,5 пати по вредност.

Од винарските визби велат дека за влез и освојување на кој било пазар најважен е квалитетот на виното, количината на производот кој може да се понуди како и бизнис соработката со странските пазари. Велат дека тежок е патот на една македонска винарница за пробивање на странски пазар и затоа неопходно е здружување, пред се кога се работи за големи пазари.
Од Винарската визба Тиквеш која пред две недели почна извоз на пазарот во Велика Британија велат дека високиот квалитет на виното и гаранција дека тој квалитет, од берба во берба, нема да отстапува од дефинираните рамки и расположливите количини на пазарот каде што се пласира се клучните компоненти што треба да ги исполни една винарница во намерата да освои нов пазар.
-Винската индустрија е специфична во поглед на начините и стратегиите за освојување на пазарите. Секој пазар има свои карактеристики кои можат да имаат влијание врз начинот на кој треба да му пристапиме како производители. Тие специфики потекнуваат во голем дел од степенот на развој на винската култура и преференците на потрошувачите. Рускиот, а посебно кинескиот пазар, имаат огромен капацитет за апсорпција на квалитетни вина, но истовремено и винската култура која се уште се развива, што претставува своевидна пречка кон вината кои доаѓаат од региони надвор од Франција или Италија. Значи, главниот предизвик е како успешно да се промовира македонското вино, како висококвалитетно вино со приказна која ќе има значење за потрошувачите на овие пазари, вели Катерина Костовска, менаџер за извоз во винарската визба Тиквеш. Таа потенцира дека Тиквеш како најголема винарница во овој дел на Европа има капацитет, разновидност на портфолиото и квалитет за да одговори на потребите на најпребирливите пазари.
-Се разбира, во нашата индустрија важи и правилото заедно сме посилни” што упатува на потребата да настапиме на одредени пазари, како што се рускиот и кинескиот, заедно како здружени производители од Македонија, со што ќе бидеме доволно моќни да одговориме на сите барања и нарачки, а воедно ќе придонесеме за промоција на македонското вино во светот, за што се неопходни многу време, трпение и финансии, потенцира Костовска.

Од винарската визба Стоби, која е релативно нова, но успеа за кратко време да се пробие и на домашниот и на странските пазари, велат дека за освојување на нов пазар неопходно е исполнување на точно зацртани цели, напорна работа, секако квалитетен производ и бездруго одличен баланс на цената во однос на квалитетот што го нудите.
-Многу е тежок и трнлив патот на пробивање на која било македонска винарница на странските пазари како поединец. Оваа индустрија е поврзана со идентитетот и со препознатливоста на државата на дадениот пазар. Иако во регионот можеме да кажеме дека проаѓаме прилично добро, пред нас е сериозен предизвик да поработиме заеднички да се претставиме на странските пазари кои помалку знаат за нас и за нашата држава. Секако дека заедничкиот настап ќе значи и многу повеќе можности за сите нас за пробивање на странските пазари. Винариите од нашата асоцијација Вина од Македонија, веќе го прават тоа, низ заеднички промотивни настапи надвор од нашите граници, објаснува Дане Јованов, генерален директор на винарската визба Стоби. Според него, концептот на Стоби е продажба на флаширано вино, пред се на проширување на пазарите како и развој на брендот на тие пазари. Самото проширување на присутноста на винарницата на повеќе пазари значи раст за нас, така што можеме да кажеме дека растот на нашата продажба доаѓа од извозот во странските пазари. Во последните 2 години со многу труд и напор како и со квалитетот на нашите производи успеавме да ги освоиме пазарите на повеќе држави како во регионот така и надвор од него. Најголем раст ни бележат продажбите во државите во регионот, каде што македонското вино е добро препознатливо, вели Јованов и потенцира дека освен во Македонија, Стоби е присутна во Србија, Босна, Косово, Албанија, Словенија, Бугарија, Америка, Русија, Германија, Холандија, Република Чешка и Канада.
-Во финална фаза на старт сме во Хрватска и Црна Гора со што ќе го заокружиме регионот и како огромен предизвик кој ни престои во наредниот месец е влезот на пазарот во Велика Британија, како еден од најкритичните пазари за вино и првите испораки за Кина кои ни претстојат во наредниот месец до два. Имајќи предвид дека Македонија е мал пазар, нашата продажба со повеќе од 60% се базира на извоз на странските пазари, вели Јованов.

Според податоците од Министерството за земјоделство, согласно зголемената побарувачка, вкупниот извоз на вино европските пазари во првите девет месеци е повеќе од двојно зголемен споредено со истиот период минатата година, при што вкупно извезената количина на вино на светските пазари во првите 9 месеци на 2013 година изнесува 550.193 хектолитри, во вредност од 31,7 милиони евра.

Од тоа, во рамките на ЕУ како најзначаен пазар за извоз на македонското вино, извезената количина на вино во истиот временски период изнесува 313.666 хектолитри, во вредност од 15,3 милиони евра.

Согласно податоците за извоз на вино се забележува повеќе од двојно зголемување на извозот на вино во шишиња во земјите-членки на ЕУ, како по количина така и по остварената вредност, во споредба со истиот период лани.

Истовремено просечната цена за извоз на наливно вино во ЕУ е зголемена за 10,29 евра за хектолитар во споредба со истиот период минатата година.
На светско ниво, пак, забележително е зголемување на цената на виното од 11,57 евра за хектолитар, поради што, заклучно со 30 септември со извезени 73% од количините вино извезени во истиот временски период минатата година, остварени се 91% од девизниот прилив од истиот временски период во 2012 година.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …