Ако до лани од хектар добивале по 70 тони, сега приносите се намалени на 20 тони, поради што цената на овој зеленчук на зелените пазари се зголеми од 20 на 40 денари.
Десеткуван е годинашниот род на компирите во Пелагониско. Сушата во летниот период ги намали приносите за 70 отсто, а земјоделците не паметат полоша сезона за оваа растение во последните 20 години. Дури и количествата што се собраа се неупотребливи зашто компирите се мали колку ореви. Недостигот на компир на зелените пазари двојно ја зголеми цената на овој зеленчук, од 20 на 40 денари.
– Низ битолските села не остана компир за да го откупиме и да го продаваме на пазар. Она што е собрано е неквалитетно, неупотребливо. Kомпирите се колку ореви. И покрај лошиот квалитет, земјоделците ја кренаа откупната цена на 25 денари ако им ги откупите на големо од местото на собирање. Заедно со другите давачки што ги имаме не ни се исплати на пазар да го продаваме компирот под 40 денари – вели Јане Мицковски, прекупувач од Битола.
Земјоделците што одгледуваат компири се жалат дека годинава претрпеле големи загуби. Ако до лани од хектар добивале по 70 тони компири, сега приносите се намалени на 20 тони.
– Годинава убаво растеа, но кога отидовме да ги береме, копај ваму, копај таму, никаде нема компир. Агрономите велат дека ова е последица на глобалното затоплување, поточно на сушата. Ова растение на врвот има жилички преку кои прима состојки за да расте. Kога тие ќе изгорат од силното сонце, растението престанува да расте. Попусто ги наводнувавме и ги ѓубревме – вели Петар Стојановски, земјоделец од битолското село Олевени.
Од намалените приноси на компирот посебно се погодени потпелистерските села, познати по производство на пелистерскиот компир, кој претежно го откупуваа Грците, а се служеше како деликатес во кафеаните во северна Грција.
– Со ова растение садев три хектари земја и целиот род го продавав до последен компир. Годинава торбите ми останаа празни. Наместо да им ги продадеме на Грците, родот е толку лош, што сега ќе го јадат свињите – изјави Миле Цветковски од село Магарево.
Повеќето одгледувачи годинава, наместо да заработат, влегоа во загуби. Дури и оние што традиционално со децении произведуваат компири не планираат повеќе да го садат стравувајќи дека топлото време и в година ќе го проретчи родот.
Состојбата дојде до таму што во Пелагониско почнаа да се случуваат и кражби на компири. Деновиве жители од планинското село Лавци се пожалија дека некој преку ноќ им ја обрал нивата со компири. (Ж.З.)
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=B2481CA282190E4F930EBBC02FBE70FB