И по два месеца откако Министерството за животна средина ги промовира проектот и правилниците за доделување еколошки ознаки на производите, с` уште не пристигнала ниту една апликација
Нема интерес од компаниите во Македонија за добивање еколошка ознака на нивните производи. И по два месеца откако Министерството за животна средина ги промовира проектот и правилниците за доделување екоознаки на производите, с` уште не пристигнала ниту една апликација. Надлежните коментираат дека ниту малите ниту големите произведувачи немаат доволно свест за тоа што всушност значи да се има ваква ознака, која претставува престиж за компанијата и ~ овозможува поголема конкурентност.
Наспроти производителите, купувачите се с` позаинтересирани за тоа од каде дошол одреден производ, како настанал и колку се загадила околината додека стасал во нивни раце.
– Бомбардирани сме со реклами за 100 отсто природни производи, еколошки чисти итн. Стана модерно производителите во реклами да се фалат со тоа дека нивните производи се еко или нетоксични, но на самите пакувања нема никаков знак што ќе го потврди тоа. Kако потрошувач кој е свесен за влијанијата врз околината, сакам да одбирам производи што ќе ги задоволат моите екокритериуми. Се прашувам, има ли воопшто еколошки чисти производи во Македонија, со оглед на состојбата во индустријата – вели скопјанката Марија Поповска.
Од Министерството појаснуваат дека еколошкото означување на производи и услуги е значаен инструмент со кој може да се намали штетното влијание врз животната средина, предизвикано од производите и услугите за време на нивниот целосен животен циклус – од дизајнирањето, па с` до грижата по неговото искористување. Ознаката значи дека за настанокот на производот се потрошени помалку вода, хемиски супстанции и енергија и се намалил отпадот.
Донесени се осум правилници за еколошки критериуми и тоа за детергенти за рачно миење садови, за туристичко сместување, мебел, текстилни производи, бои и лакови, хигиенска хартија, обувки и сапуни и за шампони и кондиционери за коса. Доделувањето на ознаката е доброволно и зависи од интересот на производителот. Ја доделува Министерство врз основа на барање на правно и физичко лице, а на предлог од Kомисијата за еколошка ознака.
– Има мал интерес кај производителите, но досега не сме добиле ниту едно официјално барање. Сите сакаат да ги промовираат производите како еко и произведени без штета за природата, но ние како институција донесовме механизам со кој тоа и се докажува. Факт е дека со таква ознака ќе им се зголеми рејтингот и ќе станат поконкурентни и на домашниот и на странските пазари, но производителите засега не реагираат – вели Владо Kаровски од Министерството.
Еколошкиот знак е во вид на стилизирано сонце, покриено долу, десно, со зелен лист, сместени на сина основа во форма на капка вода врз долната половина од зелен квадрат.
Потрага по 10 сертифицирани екопроизводи од Македонија
Владата зацрта во иднина најмалку десет компании, односно 10 производи, од Македонија да бидат сертифицирани со ваква еколошка ознака, најави Јадранка Ивановска од секторот за ЕУ при Министерството неодамна на форумот за општествена одговорност на компаниите.
– Еколошката ознака дава можност да се погледне производот во целиот животен циклус. Ние засега немаме таков производ, но Владата сака да имаме најмалку десет. Засега немаме издвоено средства за таа намена, но правиме напори да обезбедиме спонзорства – рече Ивановска.
Нејзиниот колега Kаровски рече дека екоознаката е добра можност компаниите да дадат свој придонес за здрава животна средина, затоа што значи дека е исполнето повеќе од она што е зацртано во законите.
– Не можеме сосила да ги натераме да го земат знакот, но можеме да ги освестуваме со кампањи, и нив и потрошувачите. Процесот е бавен. На пример, во Англија поминаа шест години по донесувањето на правилниците пред првиот хотел да добие еколошка ознака за услугата – потенцира Kаровски.
Соња Христовска
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=61C7E666454474499E5646D97196821F