Kомпаниите што работат со храна, освен заверен документ на кој стои како треба да изгледа производството на храна со овој стандард, не почнале да го спроведуваат системот.
Стотици фирми наместо доследно спроведен ХАЦЦП-систем за безбедност на храна, имаат само парче хартија. Тие освен документ на кој стои како треба да изгледа производство на храна со овој стандард, заверен од сертифицирана установа за ХАЦЦП, не ни почнале да го спроведуваат овој систем за безбедност на храната. Токму поради тоа Агенцијата за храна и ветеринарство најави интензивни контроли на стотина објекти за да се види дали и како операторите со храна го спроведуваат системот, кој е законска обврска од пред неколку години. Во стопанските комори не негираат дека е можно одредени фирми да не го спроведуваат доследно системот и очекуваат од Агенцијата јавно да ги прозве сите фирми што ќе бидат откриени. Во Агенцијата објаснуваат дека контролите се веќе почнати и дека до крајот на годинава ќе бидат опфатени сите сомнителни компании.
– Според сознанијата од терен, голем е бројот на фирмите што не го имплементираат соодветно овој систем, односно го имаат само на хартија. Затоа ја почнавме оваа акција и до крајот на годината таа треба да опфати стотици компании. Kонтролата ќе биде главно насочена кон верификација на имплементацијата на ХАЦЦП-системот. Ова не се редовни контроли, туку наменски, кои ќе ги потврдат или негираат нашите сознанија – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од таму велат дека компаниите што го немаат доследно спроведено системот имаат многу негативности во работењето, кои можат да бидат фатални за здравјето на луѓето.
– Поплаки од клиентите, навала од штетници, труење на луѓето што консумирале загадена храна, кое може да заврши фатално се само дел од негативните последици што може да се јават ако системот несоодветно се спроведува. За сите фирми што несоодветно го спроведуваат ХАЦЦП ќе следуваат високи глоби и затворање на објектите – велат во Агенцијата.
Според законот, сите што ќе немаат имплементирано ХАЦЦП-систем, ќе бидат подложни на казни, кои ќе се движат од 80.000 до 240.000 денари.
За контролите Агенцијата за храна веќе ги известила здруженијата при стопанските комори.
Од таму не негираат дека е можно одредени фирми да го имаат системот само на хартија.
– Самиот систем значи добра хигиенска пракса. Но, има многу мали, традиционални производства, и колонијални продавници, кои системот го имаат само на хартија, а не го спроведуваат. Сите што манипулираат со храна во таквите објекти и во транспортните објекти со храна треба да имаат завршено обуки за хигиена на храна и заштита на животната средина, односно да ги исполнуваат минималните хигиенско-санитарни услови – велат во коморите.
Принципите на ХАЦЦП се формулирани првпат во 1959 година за да се гарантира доставата на безопасна храна за астронаутите од НАСА. Во 70-тите години од минатиот век, овој концепт е доразвиен како систем за контрола на конзервираната храна во месната индустрија на САД. Во 1971 година ХАЦЦП е претставен на првата Американска национална конференција за заштита на храната. Во Македонија имплементацијата на ХАЦЦП-стандардите за квалитет на храна се регулирани со Законот за безбедност на храната донесен во 2004 година.
ХАЦЦП-системот е научно заснован и систематски приод, кој ги дефинира специфичните опасности и мерките за нивна контрола со што го осигурува производството на безбедна храна.
Пред да се воведе ХАЦЦП-системот во кој било сектор од прехранбената индустрија, организацијата мора да ги има веќе имплементирано пред условните барања (програми) за добра производствена пракса. Според сектори, може да се набројат: месопроизводство, преработка и продажба на месо и месни производи, производство и продажба на производи од житарки, рибници, преработка и продажба на риба и рибни производи, подготовка на свежа и смрзната храна, производство на свежо, преработено и смрзнато овошје и зеленчук, пакување вода и производство освежителни пијалаци, трговци со храна и угостителски објекти, мензи во детски градинки, училишта, претпријатија и пензионерски домови и секаде каде што се врши транспорт и складирање храна.
Валентина Ангеловска
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=37A1EE3FB81A1F4D85ED2C5D3491AECC