Европскиот ревизорски суд утврдил дека парите за помош на земјоделците во членките од централна и од источна Европа се трошат ненаменски, па препорачал да се преиспита досегашната политика за нивна поддршка во новите членки на Унијата.
Во специјален извештај на судот се предлагаат мерки кои би гарантирале дека парите ќе одат директно кај земјоделците што се занимаваат со конкретни земјоделски активности. Инаку, судот утврдил дека парите ги добивале претпријатија кои никогаш не се занимавале со земјоделство, вклучувајќи и агенции за недвижности, аеродроми, скијачки здруженија или воени установи, а парадоксално е што распределбата всушност се вршела според правила кои не предвидуваат земјата да мора да се обработува.
Судот смета дека право на користење пари од земјоделските фондови не треба да имаат јавни претпријатија кои управуваат со земјиште и кои инаку не се занимаваат со земјоделство.
Kако пример за ненаменско трошење се наведува Унгарија, која парите ги доделувала за пасишта во сопственост на војската, а кои биле користени за воени тренинзи. Унгарија во 2010 година добила 4,235 милиони евра за 25 илјади хектари воено земјиште.
Во извештајот уште се наведува земјите-членки не го утврдиле вкупното земјоделско земјиште, а Kомисијата само ги прифатила податоците што ги доставиле членките. Kако последица на тоа, сумата што му се исплаќа по хектар земјиште на секој земјоделец некогаш е повисока, а некогаш пониска од реалната. Некои земји дури и ги преправиле вкупните земјоделски површини без оправдани причини.
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=21F649E96D2E434EBDC6A338F04E1357