Почетна / Вести Македонија / Земјоделска интернет берза за поголем профит во земјоделството

Земјоделска интернет берза за поголем профит во земјоделството

Обезбедувањето на пазарите и на информации за движењето на цените на домашните и странски пазари, за среднорочните предвидувања за обемот на производство кој би се пласирал на пазарите, за понудата и побарувачката која се случува и во земјата и надвор од неа ќе се овозможи со воведувањето на земјоделска интернет берза.

Ова, како што истакна на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, ќе помогне во планирањето на идното производство и плановите за пласман на производите на определени пазари каде би се постигнале повисоки цени, но и засилување на соработката меѓу засегнатите страни и пазарно поврзување. Од ваквиот пристап, додаде, корист ќе имаат и примарните производители, и преработувачите и трговците.

Владата на последната седница донела одлука да се почне со надградба, засилување на капацитетите и модернизација на Пазарниот информативен систем.

– Овој систем веќе е во функција, постои преку веб страницата www.zpis.gov.mkпазарните податоци се собираат од репрезентативни пазари за определени земјоделски производи и од страна на деловните субјекти според количината и цените за соодветните производи. Сега се оди чекор напред и со новите надградби овој систем ќе започне да функционира како Македонската земјоделска информатичко-електронска берза што е силен исчекор на полето на пазарното функционирање на земјоделството, и во идниот период ќе е од помош во насока на воведувањето на класичната Берза на земјоделски производи, како организиран пазар на тргување, рече Ѓорѓиев.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да го надгради Пазарниот информативен систем преку групи на податоци кои ќе се од значење за определувањето на цените на производите, информации за примарните производители, преработувачи и трговци за навремено да добиваат податоци врз основа на кои ќе може да остварат свои права и интереси, и да остварат пазарна соработка.

– Владата е убедена дека со земјоделската интернет берза ќе се зголемат можностите и ќе се задоволат интересите на земјоделците, преработувачите и на трговците, ќе доведе до поголема вертикална и хоризонтална интеграција на пазарот и ќше даде една добра опција за искористување на ресурсите на сите субјекти на сите субјект кои се пазарот на земјоделските производи, подвлече Ѓорѓиев.

Групите податоци за определувањето на цените на производите, според владиниот портпарол, ќе содржат преглед на движење на цените и тргуваните количини на домашниот пазар со образложение за причините за нивно зголемување или намалување, преглед на движење на цените и тргуваните количини на странските пазари на кои производите се пласираат или од кои се увезуваат и неколкумесечни предвидувања за понудата и побарувачката на дефинираните производи на светските пазари врз основа на анализи на релевантни светски институции и организации.

– Знаејќи ги овие податоци ќе може да се определи што би се продавало во тековниот и идниот период, и врз основа на тоа што би се произведувало, нагласи Ѓорѓиев.

Тој појасни дека производителите, преработувачите и трговците ќе добиваат информации во однос на промена на легислативата, институциите и меѓудржавни договори за трговска соработка, и други политики на државата кои имаат влијание на пазарот, особено во делот на квалитетот и безбедноста на храната, новости и промоција на мерките на поддршка на државата за подобрување на пазарните односи и објавување на понуди и барања за купување и продажба на земјоделски производи од земјоделски производители и претпријатија заради помагање на пазарните контакти.

– Со овие податоци ќе се овозможи стекнување со можност за ефикасно остварување на правата, а ќе се поврзе и понудата и побарувачката што значи и креација на Земјоделска интернет берза, додаде портпаролот на Владата, нагласувајќи дека покрај ан веб страницата, овие податоци ќе бидат доставувани и преку неделни билтени до корисниците.

На веб страницата, како што посочи, ќе бидат објавувани како редовна активност, подготвени годишни пазарни биланси почнувајќи со 2013 година со сите елементи на понудата и побарувачката за почеток на пченица, јачмен и млеко. Тоа, смета дека ќе помогне за планирање на стабилноста на обезбедување на основните прехранбени производи и навремено преземање на мерките за интервенции на пазарите на овие производи.

Владиниот портпарол информира дека македонскиот пазарен информативен систем ќе се поврзе со германската база на земјоделски и пазарни информации.

– Со самото пристапување во соработка, сите податоци кои ги имаат германските субјекти ќе бидат достапни и на македонските субјекти. Ова е значајно особено во делот на предвидувањата на движењата на понудата и побарувачката на светските пазари, понудата и побарувачката на пазарите на големите земји Русија, Кина, Индија, САД…, проекциите за принос и производство во одредени земји, врз основа на што ќе може да се предвиди недостатокот на некој производ и аналогно на тоа да се произведува повеќе од тој производ кај нас со интенција да се продаде на странски пазар поради антиципираната дефицитарност, рече Ѓорѓиев.

Со поврзувањето со Германија ќе се засили извозот, и ќе се превенира создавање вишок на домашно производство што би водело до намалени цени.

– Со квалитетните информации, знаејќи што, како и за каде да произведуваат корист ќе имаат и примарните земјоделци, и преработувачите и трговците. Во целиот ланец на производство се создава можност за обезбедување на додадена вредност и повисок профит за секој учесник во процесот. Значајна корист ќе имаат и граѓаните кои на едно место ќе може да ги увидат цените на производите и проекциите за нивни движења за добрата кои дневно, неделно или среднорочно ги купуваат за своите потреби, рече Ѓорѓиев.
Извор: http://www.kurir.mk/makedonija/vesti/94023-Zemjodelska-internet-berza-za-pogolem-profit-vo-zemjodelstvoto

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …