Розата е кралско растение и како такво најдобро е да се одгледува на место каде што може да се шири во висина, ширина и длабочина. И воопшто – таа сака простор, во некои случаи – особено многу простор.
Покрај тоа, за да биде здрава една роза, има потреба од соодветна исхрана, наводнување, како и од простор и проветрување, а под тоа се подразбира одгледување во почва.
Сепак, понекогаш единствена можност да се ужива во убавината и мирисот на кралицата на цвеќињата е одгледувањето во саксиии – нешто што си е сосема можно, под услов да се почитуваат одредени принципи:
– Првиот и најважен – простор. Дури и минијатурни рози се чувствуваат подобро во релативно поголеми саксии, а големите рози – флорибунди, чајно-хибридните и почвопокривните- бараат минимум 40-литарски саксии, најдобро – 60-литарски со минимален дијаметар на саксијата – 40 см ,а подобро двојно.
Освен тоа розите во контејнери се потешки за одгледување во споредба со останатите домашни растенија и за да се развиваат добро, мора да ги почитуваме следниве барања:
– Минимум 5-6 часа директна сончева светлина;
– Саксиите не треба да имаат подлоги, за да не се задржува водата во коренот.Подлогата треба да е со одлична дренажа;
– Земјата треба да биде со одличен квалитет, богата со хранливи материи, како и добро дренирана;
– Редовно потхранување со балансирано ѓубриво, најдобро со бавно дејство. Ако се користат течни ѓубрива, треба соодветно да се применуваат – ниту премногу често, ниту да се пропушти и да не се надмине дозата, бидејќи правилната исхрана е од суштинско значење за добро расцутено и здраво растение;
– Местото треба да е со добра вентилација – ако воздухот застојува, растенијата се подложни на габични инфекции и вошки;
– Најдобро е да се избираат сорти од модерните хибриди кои се компактни, особено почвопокривните сорти кои имааат и специјални контејнерски серии, кои се одлични бидејќи добро цветаат и не растат преголеми.
Автор: www.agri.mk