Почетна / Вести Свет / Од електричар до козар – кариера во кризна Шпанија

Од електричар до козар – кариера во кризна Шпанија

Невработените Шпанци сега добиваат можност за ново занимање и обезбедување плата. Молери, келнери, но и факултетски образовани лица во покраината Андалузија учат да молзат кози и да одгледуваат овци.

 

Во потрага по подобар живот, порано луѓето од Андалузија се селеле во градовите. Сега младите Шпанци повторно се враќаат во село, се вели во текстот на „Дојче веле“.

Младата 28-годишна Бегоња Аиспру е ветеринар, но сега сака да биде преобучена и да стане овчар. Во ридиштата на Андалузија, Антонио Лара ~ покажува како се молзи. Тој неколку месеци ја подучува – какви ѕвончиња се применуваат за овците или како со фрлање камења се одржува стадото на куп. Сето тоа спаѓа во невообичаениот курс за обука на овчари на југот на Шпанија.

– Убаво е да се мине денот со стоката во природа. Животот е многу порелаксиран и среќна сум изутрина кога станувам – вели Бегоња за германскиот медиум.

Антонио се надоврзува и вели дека не сакаат да исчезне оваа традиција, па затоа е добро кога има млади луѓе што во иднина ќе се занимаваат со оваа професија.

По молзењето се оди на ливада – започнува нов ден. Во идиличното планинско село Грасалема од пред три години има училиште за овчари, финансирано од Европската Унија. Kандидати има многу, но во еден курс се примаат само 20 учесници. Младите, невработени Шпанци гледаат нова шанса во овчарството. Школувани ѕидари, механичари или млади со академско образование овде интензивно ја изучуваат умешноста на чувањето овци. Обуката трае шест месеци.

– Kако овчар, самиот сум си работодавец и самиот располагам со времето – вели инженерот Давид Гонзалес за „Дојче веле“.

Школа за овчари финансирана од ЕУ

Хозе Мариоа Пињеро по струка е техничар за телекомуникации и вели дека прави огромна промена, но животот ќе му биде многу помирен. Теорија и практика наизменично – попладнето се вежба стрижење на овците. Секој од учесниците на курсот доаѓа на ред. Бегоња, како ветеринар, може да е подобро подготвена за оваа вежба, но и таа има проблеми со овцата.

– Многу е потешко отколку што изгледа, но на многумина честопати така им оди со теоријата и практиката – вели Бегоња.

Луис Мигуел Занабрија од регионална влада на Андалузија истакнува дека за учесниците, овој курс претставува вистинска алтернатива.

– Подоцна можеш самиот себе да си бидеш шеф. Нема да зависиш од никого и с` што ќе заработиш ти припаѓа само тебе – вели тој.

Заштитената природа околу Грасалема е впечатливо убава. Во овој планински свет овчарите првенствено ја негуваат таа култура. Гаспар Kорбачо работел како електричар, но потоа останал без работа.

– Животот овде ми причинува вистинско задоволство, се разбира, и поради тоа што веќе нема никаква работа. Овде барем имам приходи – вели Kорбачо.

Шпанците се враќаат на село

Се враќаме во училницата. Германката Енрестине Лидеке држи предавање за фондацијата „Монте медитеранео“, која поддржува еколошки проекти во цела Шпанија. На југот на Европа, смета Германката, тренд е враќањето во селата.

– Сега, поттикнато од кризата, мислам дека повторно се врати во свеста дека развојот на селата е она што всушност треба да се унапредува во Шпанија – вели Лидеке.

Наредна тема од наставата – производство на сирење. За шпанските овчари, ова е клучна работа оти тие заработуваат пари од продажба на овчо и на козјо сирење.

Битно е сирењето да има посебна нота. А уште поважно е како да се продаде, што е можно попрофитабилно и без трговци-прекупци. За Бегоња тоа би било сон – да биде овчар и да произведува сопствено сирење.

– Понекогаш соништата се остваруваат, но уште има проблеми – потребни се субвенции за купување стока. Но тоа останува мојот сон – вели Бегоња.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …