Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска објави јавен оглас за давање под закуп државно земјоделско земјиште во регионите Гевгелија, Свети Николе, Радовиш, Валандово, Крушево, Кичево, Кратово, Чаир, Виница, Македонски Брод, Гостивар и Охрид, за вкупна површина од над 2371 ха.
Максималната површина на кој може да аплицира и да добие еден понудувач по овој оглас во однос на понудените катастарски парцели е 10 хектари.
Времетраењето на закупот за кој се издава земјиштето е за подигање на маслинарници за период до 50 години, за подигање на долгогодишни насади и оранжерии за период до 30 години, за спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години, за рибници за период до 20 години, за одгледување на други земјоделски култури за период до 15 години и за ливади за период до 15 години.
Право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица, регистрирани во Македонија. На огласот можат да аплицираат и трговци поединци, но, услов е ним земјоделското производство.
Заинтересираните физички и правни лица со апликацијата, должни се да достават и понуда за износот на годишната закупнина. Понудите по овој јавен оглас заинтересираните треба да го достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 30 дена од денот на објавувањето на истиот.
Извор:vecer.com.mk
агри.мк Портал за промоција, развој и поттикнување на земјоделството во Македонија